Монфис официјално во пензија без збогување во Париз: Свитолина потврди дека разводот го натера Французинот предвреме да ја заврши кариерата

Гаел Монфис на Ролан Гарос
Фото: Fredsit / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Гаел Монфис нема да го доживее збогувањето со домашната публика на Мастерсот во Париз. Четириесетгодишниот Французин од 5 октомври се наоѓа на листата на пензионирани тенисери на Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ИТИА), со што неговата кариера официјално заврши неколку недели порано од планираното, пренесува Асошиејтед прес.

Монфис планираше последните настапи да ги има на турнирот од серијата 250 во Лион, каде што доби специјална покана, а потоа и на Мастерсот во Париз од 2 до 8 ноември. Според Л’Екип, играчите на оваа листа не можат да настапуваат на официјални натпреварувања, освен ако претходно не поминат најмалку шест месеци на антидопинг контроли надвор од натпреварувањата. Организаторите во Лион потврдија дека тој е повлечен од списокот поради лични причини.

Причината за ненадејната одлука ја откри новинарот на Л’Екип, Франк Рамела. „Кога Монфис ја дозна веста, тоа го погоди како гром од ведро небо, а тенисот, кој често го доживуваше како еден вид нежна лудост, одеднаш го изгуби секое значење. Повеќе не можеше да игра. Оттука и неговата нагла одлука на 5 октомври да се повлече од антидопинг листите“, напиша Рамела, како што пренесува Тенис 365.

https://twitter.com/ElinaSvitolina/status/2112134558930079914

Елина Свитолина во понеделникот објави дека по пет години брак се разделува од Монфис, наведувајќи го менталниот товар од војната во Украина како една од причините. Ден подоцна, во нова објава, потврди дека разделбата е причината за крајот на кариерата на нејзиниот сопруг. „Како што некои од вас видоа, кариерата на Гаел заврши нагло, откако тој донесе одлука да престане поради нашата ситуација. За жал, кон него беа упатени многу обвинувања што не ги заслужи, па затоа објавивме заедничко соопштение“, напиша Свитолина, пренесува Индипендент.

Шестата тенисерка на светот појасни дека одлуката за развод „никогаш не била поради само една работа“. „Кога живееш во реалноста на војната повеќе од четири и пол години, почнуваш поинаку да го гледаш животот. Во еден момент сфатив дека не сакам да продолжам да живеам живот во кој не сум вистински среќна“, напиша Свитолина. Двајцата имаат четиригодишна ќерка Скаи. „Скаи секогаш ќе биде на прво место. Нашиот брак завршува, но нашето семејство не“, порача украинската тенисерка.

Монфис последниот натпревар во кариерата го одигра на 4 септември, кога во второто коло на Отвореното првенство на САД загуби од Американецот Лернер Тиен. Тоа беше неговиот 71ви и последен гренд слем турнир. Поранешниот шести тенисер на светот, позиција што ја достигна во ноември 2016 година, освои 13 титули на АТП турнејата од 35 финалиња, а најдалеку на гренд слем турнирите стигна до полуфиналињата на Ролан Гарос во 2008 и на Отвореното првенство на САД во 2016 година.

Французинот остана запаметен како еден од најатрактивните тенисери на својата генерација. Како јуниор во 2004 година ги освои Отвореното првенство на Австралија, Ролан Гарос и Вимблдон, а во 2025 година во Окленд стана најстариот освојувач на АТП титула откако турнејата беше формирана во 1990 година. На истата листа на пензионирани играчи на ИТИА неодамна се најде и Јапонецот Кеи Нишикори, кој ја заврши кариерата на 1 октомври.