Мурињо пред Ел Класико: Реал со него освојува трофеи

Жозе Мурињо
Фото: Zafer / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, на прес-конференцијата пред Ел Класико не остави простор за сомнеж во своите амбиции. На прашањето дали дуелот против Барселона е тест за тоа дали може да освојува трофеи, Португалецот кратко одговори: „Не. Мадрид со Мурињо освојува трофеи.“

Барселона и Реал Мадрид се среќаваат утре во 21 часот на „Камп Ноу“, во рамките на 10тото коло од Ла Лига. Мурињо смета дека добрата форма на неговата екипа нема големо значење пред ваков натпревар. „Во добра динамика сме. Победуваме, играме добро, постигнуваме голови. Но, во класиците тоа нема влијание, тоа се поинакви натпревари“, изјави тој, пренесува официјалната страница на Реал Мадрид.

Португалецот не сакаше да ги коментира шпекулациите околу судијата на натпреварот. „Името на судијата никогаш не ми пречело. Секогаш тргнувам од тоа дека судијата е добар. Пред три недели излезе името на еден судија, оваа недела на друг, но внатре во Реал никој не ми кажал кој ќе суди. Кој и да е, се надевам дека ќе му оди добро“, рече тој.

Мурињо смета дека поразот на Барселона во Париз нема да ја промени самодовербата на каталонскиот тим. „Ако наместо да победиме со 4-1 против Лајпциг изгубевме со 4-1, мојот пристап кон овој натпревар немаше да биде поинаков. Не мислам дека Барселона ќе го смени размислувањето затоа што загуби еден натпревар“, објасни тренерот на „белите“.

Тој побара трпение за својата екипа. „Работиме три месеци. Ако ги извадите подготовките, кога секоја недела пристигнуваа играчи, и речиси трите недели со репрезентациите, работиме месец и пол или два. Далеку сме од готов производ, ние сме производ во изработка“, рече Мурињо.

За Ламин Јамал рече дека е одличен играч кој заслужува почит, но дека Реал нема да се откаже од својот начин на игра. „Едно е да почитуваш некого, а друго е да ги менуваш плановите, структурите и да ја заборавиш својата суштина. Тоа нема да го направиме ниту со него, ниту со кој било друг квалитетен противник“, нагласи тој. За Ханзи Флик кратко рече дека е „одличен тренер кој прави извонредна работа“.

Мурињо потврди дека веќе го одредил стартниот состав, но не сакаше да открие ништо за тактиката. На прашањето која е слабата точка на Барселона, одговори: „Ти си паметен, но јас не сум глупав.“

Беше прашан и дали брадата што ја пуштил е некаков вид суеверие. „Не, воопшто. Зошто, изгледа ужасно? Ако кажете дека изгледа ужасно, ќе размислам“, рече Мурињо низ смеа, додавајќи дека е еден од ретките во фудбалот што немаат никакви суеверија.