Муслера одбрани три пенали и го однесе Естудијантес во финалето

Голманот Фернандо Муслера
Фото: Andrea 93 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Естудијантес од Ла Плата е финалист на Копа Либертадорес. Аргентинскиот тим на „Маракана“ во Рио де Жанеиро го елиминираше бранителот на титулата Фламенго со 3-2 по изведувањето пенали, откако двата полуфинални натпревари завршија без голови.

Херој на вечерта беше 40-годишниот уругвајски голман Фернандо Муслера, кој ги одбрани ударите на Жоржињо, Лукас Пакета и Бруно Енрике. Според КОНМЕБОЛ, ниту еден голман досега не му одбранил пенал на Жоржињо во дресот на Фламенго, бидејќи играчот од средниот ред ги имаше реализирано сите претходни 12.

За Естудијантес погодија Хосе Соса, Ерос Манкусо и Тијаго Паласиос, а единствениот промашен удар го имаше Едвин Сетре. Колумбиецот се лизна при првиот обид, судијата нареди повторување, а при вториот обид топката заврши над пречката. За Фламенго погодија Ѓорѓан де Араскаета и Лео Переира.

Аргентинците одиграа повеќе од 40 минути со играч помалку, бидејќи Балтасар Родригес беше исклучен во петтата минута од второто полувреме. Муслера имаше клучна интервенција и во регуларниот дел, кога во 87мата минута го спречи Гонзало Плата во ситуација еден на еден.

Фламенго стигна до полуфиналето со серија од 14 натпревари без пораз во натпреварувањето, но за 180 минути не успеа да постигне гол. Според податоците на Опта, кои ги пренесува КОНМЕБОЛ, единствено Пењарол, во четвртфиналето во 2024 година, успеал да го задржи Фламенго без постигнат гол во двата натпревари од нокаут-фазата.

„Кај пеналите голманот има плус, бидејќи може да придонесе за соништата на цел еден клуб“, изјави Муслера по натпреварот, пренесува Асошиетед прес.

Естудијантес во финалето ќе игра против Палмеирас, кој во другото полуфинале го елиминираше Флуминенсе. Финалето е закажано за сабота, 28 ноември, на стадионот „Сентенарио“ во Монтевидео. За Муслера тоа ќе биде прво финале на Либертадорес во кариерата, и тоа во неговата татковина.

Тимот од Ла Плата првпат од 2009 година ќе игра во финалето на најелитното јужноамериканско клупско натпреварување, а ова ќе му биде шесто финале во историјата. Естудијантес задржа и еден интересен рекорд, бидејќи досега не загубил ниту едно полуфинале на Либертадорес што се играло на два натпревари.