Американската компанија Најк ќе биде официјален снабдувач на топки за сите машки клупски натпреварувања на УЕФА од сезоната 2027/28, со што завршува 26-годишната соработка на Лигата на шампионите со Адидас, беше објавено во понеделникот, пренесува Еј-пи.
Договорот трае четири сезони, до 2031 година, и ги опфаќа Лигата на шампионите, Лигата Европа и Конференциската лига, како и Суперкупот, Младинската лига и Лигата на шампионите во футсал. Ова е првпат сите три клупски натпреварувања да користат топка од ист производител, пренесува Индипендент.
Адидас ги произведуваше топките за Лигата на шампионите од сезоната 2001/02, а пред тоа снабдувач беше токму Најк. Во Лигата Европа и во Конференциската лига Најк ќе го замени брендот Кипста, во сопственост на Декатлон, пренесува Инсајд ворлд футбол.
Договорот го објавија УЦ3, заедничкото претпријатие на УЕФА и Европските фудбалски клубови, и неговата агенција Релевент Футбол Партнерс. Тендерот беше отворен во март, а Најк влезе во ексклузивни преговори во април.
„Со задоволство го пречекуваме Најк како официјален снабдувач на топките за машките клупски натпреварувања на УЕФА од 2027 година. Најк носи неверојатна комбинација на спортско наследство, креативност и културно влијание, со способност да се поврзе со навивачите ширум светот“, изјави Ги-Лоран Епстајн, извршен директор на УЦ3, пренесува Еспн.
Вредноста на договорот не е официјално објавена, но според британските медиуми, изнесува околу 45 милиони долари годишно, што е двојно повеќе од последниот договор со Адидас.
Препознатливата топка со ѕвезди на Адидас последен пат ќе се користи во финалето на сезоната 2026/27. Од УЕФА соопштија дека повеќе детали за изгледот на новите топки ќе бидат објавени дополнително, па засега не е познато дали Најк ќе го задржи мотивот со ѕвезди.
Трите клупски натпреварувања заедно имаат 531 натпревар во една сезона, по 189 во Лигата на шампионите и во Лигата Европа и 153 во Конференциската лига, што значи повеќе од 2.100 натпревари во текот на договорот.
















