Рафаел Надал најави дека би можел повторно да се појави на тенискиот терен, иако не на официјални натпревари. Шпанецот, кој ја заврши професионалната кариера во ноември 2024 година, изјави дека во одреден момент сака да игра егзибициски натпревари.
„Во одреден момент повторно ќе играм егзибиции, тоа го сакам. Подготовките бараат одреден напор, бидејќи мора телото да го доведете во соодветна состојба. Мислам дека тоа е нешто што треба да го пробам, но сакам да живеам ден за ден и да не размислувам премногу однапред“, рече Надал за францускиот „Л’Екип“, пренесува Vijesti.
Протеза во шаката, но психички подобро
Освојувачот на 22 гренд слем титули, од кои 14 на Ролан Гарос, отворено зборуваше и за своето здравје по завршувањето на кариерата. Надал призна дека сè уште секојдневно чувствува блага болка и дека морал да биде опериран.
„Сè уште секој ден чувствувам блага болка. Точно е дека имав операција и морав да вградам мала протеза во шаката. Не е пријатно, но морав да го направам. Но точно е и дека силната болка што долго ме мачеше целосно исчезна и тоа имаше многу добар ефект врз мојата психичка состојба“, изјави Надал.
„Психички се чувствувам сè подобро, имам помалку проблеми од порано и повеќе уживам во животот. Сето тоа е многу важно“, додаде 40-годишниот Шпанец.
Десет години од основањето на академијата на Мајорка
Надал повторно го зеде рекетот в раце на почетокот на октомври, на егзибицискиот турнир по повод десетгодишнината од основањето на неговата академија во Манакор. Според Rafa Nadal Academy, тимот на Надал, во кој беа Карлос Моја, Давид Ферер и Ришар Гаске, го победи тимот на Енди Мареј, Марат Сафин, Доминик Тим и Фабио Фоњини со 4-3.
Одлучувачкиот поен го донесоа Надал и Моја, кои во игра на двојки со тај-брејк го совладаа дуото Мареј и Фоњини со 7-5.
















