Илија Несторовски беше главниот лик во победата на Славен Белупо над Риека со 4-1 во деветтото коло од хрватската ХНЛ. Македонскиот напаѓач постигна два гола во 69тата и 74тата минута, а по натпреварот се качи на маса во соблекувалната и танцуваше пред соиграчите, јавуваат Sportske novosti.
Риека поведе уште во 7мата минута. Тијаго Дантас го реализираше пеналот и им донесе рана предност на гостите на стадионот „Иван Кушек Апаш“ во Копривница. Домаќините, меѓутоа, не се повлекоа и до паузата стигнаа до израмнување.
Јон Мерсинај во 35тата минута израмни на 1-1, а по паузата Ловро Бановец во 52рата минута го комплетираше пресвртот за 2-1. Потоа на сцена стапи Несторовски. Првиот гол за 3-1 го постигна со удар со левата нога од околу 20 метри, испраќајќи ја топката во спротивниот агол од голот на Векиќ, пишува Net.hr.
Пет минути подоцна, во 74тата минута, повторно беше прецизен и ги постави конечните 4-1. Според хрватските извори, тоа му беше деветтиот гол во сезоната во сите натпреварувања. Бановец непосредно пред вториот погодок ја погоди пречката, а одбиената топка заврши кај Несторовски.
Клубот од Копривница на социјалните мрежи објави снимка од славењето во соблекувалната. „Го видовме како забива, а сега и како игра. Триесет секунди чиста забава. Господинот Илија и лудилото во сината соблекувална“, напишаа од Славен Белупо.
Со третата победа во сезоната, Славен се искачи на седмото место со 10 бода, додека Риека остана на петтото место со 14 бода. За екипата на Силвио Чабраја ова беше убедлива победа против клубот кој претходно имаше подобри резултати против посилни ривали.
Несторовски продолжува со добрата форма во Хрватска и останува еден од најважните играчи во нападот на Славен. Следните кола ќе покажат дали клубот од Копривница може уште повеќе да се оддалечи од зоната на испаѓање.
















