Никс го креваат шампионскиот транспарент пред Леброн и Филаделфија: НБА сезоната почнува утре со три натпревари

Њујорк Никс во Медисон Сквер Гарден
Фото: Jean-Baptiste Bellet / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Новата сезона во НБА лигата почнува утре со три натпревари што најавуваат спектакл. Бостон гостува кај Детроит во 21 часот по македонско време, Њујорк Никс во 1 часот по полноќ ја пречекуваат Филаделфија, а програмата ја затвора дуелот меѓу Сан Антонио и Оклахома во 3:30 часот.

Во центарот на вниманието е Медисон Сквер Гарден. Никс пред натпреварот ќе го кренат шампионскиот транспарент, откако минатата сезона стигнаа до првата титула по 53 години. Тимот на Џејлен Брансон во финалето го совлада Сан Антонио во пет натпревари, иако Спарс во четирите порази имаа двоцифрена предност.

На другата страна ќе биде Леброн Џејмс, кој ја почнува рекордната 24та сезона во кариерата, сега во четвртиот клуб. Џејмс летово ги напушти Лос Анџелес Лејкерс и потпиша за Филаделфија, каде што претходно пристигна и Џејлен Браун преку голема размена со Бостон. Браун минатата сезона бележеше 28,7 поени, 6,9 скока и пет асистенции по натпревар.

Филаделфија во составот ги има и Тајриз Макси, кој минатата сезона влезе во идеалниот тим на лигата, младиот Ви Џеј Еџкомб, кој беше избран во идеалната петорка на дебитантите, и Џоел Ембиид, чија главна цел е да остане здрав. Никс лани во плејофот ги победија Филаделфијците со 4-0, но тогаш противникот играше без Џејмс и без целосно здрав Ембиид.

Првиот натпревар во сезоната е меѓу Детроит и Бостон, двете најдобри екипи на Истокот минатата сезона. Пистонс поголемиот дел од сезоната беа на првото место на Истокот, предводени од Кејд Канингам, а Бостон овој пат е без Браун, па Џејсон Тејтум, кој се враќа по операцијата на Ахиловата тетива, ќе мора сам да го носи товарот.

Ноќта ја затвора реваншот од финалето на Западната конференција. Сан Антонио, предводен од Виктор Вембањама, минатата сезона ја победи Оклахома во осум од 12 натпревари, вклучувајќи го и плејофот. Тандер, шампионите од 2025 година, ги имаат на располагање двократниот најкорисен играч Шеј Гилџес-Александер, целосно закрепнатиот Џејлен Вилијамс и Чет Холмгрен.

Првата недела носи и други големи дебија. Во среда Јанис Адетокумбо ќе го одигра првиот натпревар за Мајами против Минесота, за која дебитира Ламело Бол, а Голден Стејт со Стеф Кари гостува кај Лејкерс и Лука Дончиќ. Во четврток Џејмс го игра првиот домашен натпревар за Филаделфија против Кливленд, а Оклахома го пречекува Денвер на Никола Јокиќ.

Сезоната почнува без Бен Симонс од Сакраменто, кој на тренинг ја скина Ахиловата тетива и ќе ја пропушти целата сезона. Распоредот и најавите за првата недела ги објави NBA.com.