Нојер најави крај на кариерата по завршувањето на сезоната

Мануел Нојер на тренинг на Баерн Минхен
Фото: Rufus46 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Легендарниот германски голман Мануел Нојер очекува да ја заврши кариерата на крајот од оваа сезона. Тоа 40-годишниот чувар на мрежата на Баерн го соопшти во недела при посетата на навивачки клуб во Алтомјунстер, а неговите зборови ги пренесе германскиот Скај Спорт, пишува Ројтерс.

„Претпоставувам дека во летото нема да продолжам. Сега се обидувам да уживам во преостанатото време“, изјави Нојер.

Германскиот репрезентативец откри дека уште минатото лето бил речиси решен да се повлече. „Веќе бев 85 отсто подготвен да се пензионирам минатото лето, но во Баерн имаше одлична атмосфера и решив да продолжам“, рече Нојер, пренесува Франсинфо.

„Навистина уживам да играм заедно со играчите од оваа екипа“, додаде тој, според шпанскиот Мундо Депортиво.

Нојер во моментов е повреден, откако овој месец претрпе делумно кинење на тетива во десното стапало. Според Мундо Депортиво, неговото враќање се очекува во јануари. Во изминатиот период под лупа беше и формата на голманот.

Договорот на Нојер со Баерн истекува во јуни 2027 година. За клубот од Минхен игра од 2011 година и со него освои 13 титули во Бундеслигата и две титули во Лигата на шампионите, а за баварскиот клуб има одиграно 607 натпревари.

Ова е неговата 16та сезона во Баерн, а на крајот од неа Нојер ќе има 41 година, наведува Мундо Депортиво. Германскиот Скај Спорт ја објави веста како најава за крај на кариерата, со што се потврдија сè почестите шпекулации во последно време.

Со германската репрезентација Нојер стана светски шампион во 2014 година во Бразил. Германските медиуми претходно овој месец објавија дека Баерн се подготвува за Јонас Урбиг да ја преземе улогата на прв голман од следната сезона, а клубот бара искусен резервен голман.