Одговор на РФМ за реакцијата на Чешката Федерација


Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓


Ракометната Федерација на Македонија се произнесе со свој став по повод реакцијата на Чешката Ракометна Федерација за натпреварот од Квалификациите за СП што се одигра во Скопје на 15 јуни помеѓу националните селекции на Македонија и Чешка.

Оригиналното писмо на РФМ доставено до ЕХФ е на Англиски јазик и е достапно на овој линк, а во продолжение ви го презентираме неофицијалниот превод на писмото на Македонски јазик:

Почитувани ракометни пријатели,

Во име на Ракометната Федерација на Македонија, би сакал да изразам длабоко незадоволство поради реакцијата на Чешката национална репрезентација во врска со натпреварот од Квалификациите за СП помеѓу Македонија и Чешка што се одигра во Скопје на 15 јуни 2016 година.

Имено, во медиумите кои ја цитираат реакцијата на Ракометната Федерација на Чешка а која се однесува на судењето на гореспоменатиот натпревар, се забележува едностраност во анализирањето во однос на анализата на експертскиот тим на Ракометната Федерација на Македонија.

Имено, протестирањето за досудените 2-минути исклучување од страна на Чешка додека нашиот играч, Наумче Мојсовски крвари од својата уста и додека докторскиот тим со шиење се обидува да ја залечи раната, е најблаго кажано апсурдно.

Ќе ја искористам можноста да го издвојам и крвавиот нос на нашиот играч Филип Миркуловски и фрактурата на зглобот на Стојанче Стоилов, кои се меѓу неколкуте очигледни ситуации за црвен картон. Сметам дека во ситуации од натпреварот, судиите беа и преблаги кон агресивниот и насилен стил на игра на чешкиот состав.

Исто така би сакал да се осврнам и кон апсурдните поплаки на Чешката Федерација упатени кон публиката во арената, споменати во реакцијата.

ВИП Арена „Борис Трајковски“ е изградена согласно највисоките меѓународни стандарди за овој тип на настани. Имено, 110 лица од приватна компанија за обезбедување беа ангажирани од РФМ и дополнителен голем број на униформирани полицајци беа присутни во Арената за време на натпреварот, задолжени за безбедноста на околу 5.000 гледачи. Ракометот е најпопуларниот спорт во нашата земја и да, навивачите беа гласни и синхронизирани бодрејќи го нашиот тим. Како Федерација, обезбедивме поддршка и за тимот на Чешка, поканувајќи ги вработените во Амбасадата на Чешка во Скопје и воените лица од Генералштабот на Чешка, кои го следеа мечот во ВИП зоната, заедно со гостите на Ракометната Федерација на Македонија.

За жал, не можам да кажам дека на истиот овој начин бевме третирани во Злин. Училишната арена во Злин едвај имаше и најосновно обезбедување, а домашните навивачи ги надминуваа границите на нормалното однесување. Времето на почеток на натпреварот (Сабота, 12:30 часот), според мене лично, е контрадикторно со сите напори на Чешката Федерација да го промовира ракометниот спорт.

Имајќи предвид дека нашата репрезентација ќе одигра уште еден меч на гостински терен во Чешка во ракмки на Квалификациите за Европското Првенство 2018 година, очекуваме поадекватен тајминг и во секоја смисла поадекватна арена, со соодветна инфраструктура за натпревар од вакво значење.

Почитувани господа, Ракометната Федерација на Македонија инвестира многу ресурси и напори во овој спорт, кој несомнено го држи приматот за најпопуларен и најуспешен спорт во Македонија. Сите овие напори и инвестиции, како временски така и финансиски, се базирани на почитување: почитување на нашите играчи, противници, официјални лица, колеги, медиуми, фанови и пред се, почитување на судиите. Тоа е така затоа што сите ние сме тука со иста мисија и за иста цел, и покрај тоа што на теренот сме на спротиставени страни. Поздравувањето и подадената рака по завршувањето на натпреварот постои со причина: не потсетува на смислата на фер-плејот. На смислата на ракометот.

Би ја завршил оваа комунакација со надеж дека надлежните авторитети ќе дадат должно внимание на погоре-наведеното.

Спортски поздрав,
Ракометна Федерација на Македонија
Филип Милошевски
Генерален Секретар