Охрид го доби дербито со Алкалоид и му го нанесе првиот пораз во Суперлигата, Вардар со Фадуил до шестата победа во шест кола

СЦ Јане Сандански - домашна сала на РК Вардар

Шестото коло од ракометната Суперлига донесе прво големо изненадување во сезоната. ГРК Охрид во преполната сала покрај езерото го совлада Алкалоид со 26-24 (15-11) и им го нанесе на скопјани првиот пораз во домашното првенство, додека шампионот Вардар 1961 убедливо славеше во Струга и остана единствениот тим со максимален учинок.

Славиќ со 10 одбрани го чуваше водството

Во дуелот на последните два освојувачи на ЕХФ Европскиот куп, двете одбрани доминираа на почетокот, а Алкалоид прв се одлепи на 4-7 со брзите голови на Никола Костески и Улфар Пал Тодарсон. Охрид, предводен од Борис Ројевиќ, потоа фати ритам со головите на Анте Иванковиќ, Тилен Стрмљан и Доминик Мате, направи пресврт за водство од 10-8 и на одмор замина со 15-11.

Во второто полувреме домаќините го диктираа темпото и стигнаа до највисока предност од 19-13. Алкалоид во завршницата ја намали разликата, но Охрид ја сочува предноста, во голема мера благодарение на голманот Дино Славиќ, кој забележа 10 одбрани.

Најефикасен кај победниците беше Доминик Мате со шест гола, а Шуичи Јошида и Анте Иванковиќ постигнаа по пет. Кај Алкалоид, Никола Костески погоди шест пати, а Дамјан Митев пет.

Фадуил со девет гола од десет обиди во Струга

Вардар 1961 брзо го остави зад себе европскиот пораз од Висла Плоцк, трет во Лигата на шампионите, и во Струга победи со 33-24 (16-13). Домаќините одолеваа само во воведните минути, до 5-5, а потоа „црвено-црните“ ја презедоа контролата и на одмор заминаа со три гола предност.

Во второто полувреме тимот на Иван Чупиќ ја засили одбраната и постигна дури 17 гола, со што целосно го скрши отпорот на домаќините. Французинот Матео Фадуил беше најдобар на теренот со девет гола од десет обиди, Урош Митровиќ додаде седум, а Јака Малус шест. Голманите Милош Валах и Васил Гогов заедно забележаа 12 одбрани, а кај Струга со девет гола се истакна Никола Јукиќ.

Со оваа победа Вардар има максимални 12 бода по шест одиграни кола и е единствениот тим во Суперлигата без изгубен бод.

Пелистер 2 се врати од минус шест во Богданци

Во Богданци, Младост 1977 и младиот тим на Еурофарм Пелистер 2 одиграа 30-30 (14-11). Домаќините водеа со 26-22 на десет минути пред крајот, но битолчани со серија голови стигнаа до израмнување на 29-29 во 58мата минута. Младост имаше последен напад за победа, но не го искористи. Кај Пелистер 2, Божидар Илиески беше перфектен со осум гола од осум обиди.