Олимпија Милано го победи Фенербахче со 78-70 во 13тото коло од Евролигата, откако во последните осум минути направи серија од 23-4 и од заостанување од 11 поени стигна до предност од осум, објави Олимпија Милано.
Најефикасен кај домаќините беше Мозес Рајт со 22 поени, Леандро Болмаро додаде 19, а Марко Гудуриќ постигна 16 поени против својот поранешен клуб, пишува Спортандо.
Милано ја доби првата четвртина со 23-19, но Фенербахче на полувремето водеше со 38-37. Гостите во третата четвртина, во која Вејд Болдвин постигна 11 поени, ја зголемија предноста на 61-55, а во последниот период стигнаа и до 66-55.
Тогаш Девон Хол погоди две тројки по ред, со кои ги постигна своите единствени поени на натпреварот, и го врати Милано во игра. Болмаро потоа го блокираше Болдвин, погоди тројка од аголот по додавање на Рајт, а 45 секунди пред крајот со шут од полудистанца му донесе предност од шест поени на Милано, со што практично го реши натпреварот. Со уште една блокада, при обидот за три поени на Шејн Ларкин, стави точка на натпреварот.
Кај Фенербахче најефикасен беше Тејлен Хортон-Такер со 17 поени, од кои 15 во првото полувреме. Болдвин заврши со 13, а Ларкин со 11 поени. Шејвон Шилдс, кој шест години играше за Милано, остана без поен, а турскиот тим настапи без повредениот Николо Мели, пишува Гаџета дело спорт.
Според клубот, Милано имаше 18 асистенции при 26 погодени шута од игра, а на Фенербахче му дозволи само десет асистенции на целиот натпревар.
Тимот на Лука Банки ја забележа втората победа по ред, по триумфот над Црвена звезда, и сега има учинок од три победи и десет порази. Фенербахче, предводен од Шарунас Јасикевичиус, има учинок од 8-5. Милано во недела игра во италијанското првенство во Тортона, а во вторник му гостува на Асвел во Лион.
















