Омерагиќ: Федерацијата во изминатите две години имала повеќе расходи толку приходи


Битки за за титули и Лига на Шампиони во Премиер Лига, Серија А и Ла Лига ↓↓↓


Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го одржа своето Редовно Изборно Генерално Собрание денеска.

На собранието беа присутни 65 од вкупно 66 делегати од Општинските фудбалски сојузи и клубовите што се дел од натпреварите организирани од федерацијата.

Масар Омерагиќ, сегашниот претседател на ФФМ, беше единствен кандидат за нов четиригодишен мандат на чело на ФФМ.

Во почетниот говор од работниот дел, првиот човек на македонскиот фудбал ја опиша состојбата која ја затекнал по неговото именување за претседател на федерацијата на 22 декември 2024 година.

Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ:

„Денес, по речиси три месеци од преземањето на функцијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија, пред вас стојам со обврска да ви се обратам отворено, искрено и одговорно.

Свесен бев дека ме очекуваат големи предизвици, но затекнатата состојба во федерацијата беше покомплицирана од очекуваното.

Важно е да зборуваме транспарентно за финансиската состојба, бидејќи секоја стабилна и успешна организација мора да се потпира на одговорно управување со средствата.

Факт е дека во изминатите две години федерацијата имала повеќе расходи отколку приходи. Ова е сериозен предизвик што укажува на потреба од подобро планирање, поголема контрола и појасна финансиска стратегија. Само во реалното работење, федерацијата е во минус од еден милион евра.

Фудбалската академија, која би требало да биде центар на развојот на нашиот спорт, се соочила со значајни проблеми – недоволно услови за работа, нерационални трошоци и потрошен буџет. Недостигаше јасна стратегија и вистинска поддршка за младите таленти.

Младинските категории кои се темелот на репрезентацијата, немаа доволно поддршка ниту јасен план за долгорочен развој. Потребно е поефикасно организирање и повеќе ресурси за нивниот напредок.

Дополнителни компликации создаде состојбата на административната зграда, која треба да го симболизира интегритетот и професионалноста на федерацијата. Се појавија и проблеми во односите меѓу вработените, што влијаеше врз ефективноста на работењето.

Важно беше и прашањето за инвестициските фондови за инфраструктура. Средствата предвидени за овие проекти се потрошени до 2028 година, но резултатите не се на очекуваното ниво. Многу од инвестициите беа насочени кон проекти што уште не се целосно функционални, а подобрувањата на стадионите и терените се уште недостатни за потребите на клубовите и фудбалерите.

Сепак, во овој период нашата А репрезентација беше светла точка, донесе гордост и покажа дека со тимска работа и доверба во своите квалитети може да се постигнат значајни резултати. Нивниот успех треба да инспирира подобрување на целиот фудбалски систем, од најмладите категории до највисокото ниво.

Но, наместо да се фокусираме на минатото, треба да гледаме напред и да работиме на подобрување на состојбата. Веќе преземаме конкретни чекори:

• Финансиска ревизија на сите досегашни проекти, со цел да обезбедиме поголема транспарентност.

• Нова стратегија за инвестиции во инфраструктура, насочена кон реалните потреби на клубовите, а тоа се терени за тренинг и терени за натпревари, особено во Првата и Втората лига.

• Строг надзор над трошењето на средствата, за да се осигураме дека инвестициите одат во вистински проекти што ќе донесат долгорочни резултати.

Време е да поставиме нови стандарди во нашето работење. Нашата цел е да изградиме федерација што ќе биде стабилна, транспарентна и посветена на напредокот на македонскиот фудбал. Ова не е лесен процес, но е неопходен.

Пред нас е многу работа, но ве уверувам – федерацијата повеќе нема да биде симбол на неорганизираност, туку институција што ќе работи професионално и во интерес на македонскиот фудбал. Македонскиот фудбал го заслужува тоа“!