Партизан и Џабари Паркер спогодбено го раскинаа договорот

Џабари Паркер во дресот на Милвоки Бакс
Фото: Keith Allison / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Американскиот кошаркар Џабари Паркер повеќе не е член на Партизан. Белградскиот клуб соопшти дека двете страни постигнале договор за спогодбено раскинување на соработката.

„Играчот и клубот денеска најдоа решение и на обострано задоволство постигнаа договор за завршување на соработката. КК Партизан му посакува на Џабари Паркер многу среќа во иднина“, се наведува во соопштението на клубот, пренесува РТС.

Паркер се врати во Белград по истекот на позајмицата во Хувентуд, но не беше дел од екипата на „црно-белите“. Уште во текот на летото беше јасно дека не е во плановите на клубот за новата сезона, иако имаше важечки договор.

Американецот пристигна во Партизан во јуни 2025 година, со двегодишен договор, по две сезони поминати во Барселона. Престојот во Белград не се одвиваше според очекувањата, па во февруари 2026 година беше позајмен во Хувентуд до крајот на сезоната.

Во дресот на Партизан одигра 15 натпревари во Евролигата, на кои бележеше просечно 7,7 поени и 2,5 скока, пишува Јурохупс.

Паркер беше избран како втор пик на драфтот во 2014 година од Милвоки Бакс, но неговата кариера во НБА лигата во голема мера беше забавена од тешките повреди на коленото. Во НБА настапуваше за Милвоки, Чикаго, Вашингтон, Атланта, Сакраменто и Бостон.

Паркер одигра една сезона на колеџ за Дјук, по што на драфтот во 2014 година беше избран веднаш по Ендру Вигинс. Во Европа пристигна во 2023 година, кога потпиша за Барселона, каде што помина две сезони пред да се пресели во Белград.

Со раскинувањето на договорот, 31-годишниот крилен играч сега е слободен да бара нов клуб, а Партизан продолжува со промените во играчкиот состав, во кој неодамна пристигна Роберт Френкс.