Перез признава дека крајот на кариерата во Формула 1 се приближува: Проектот на Кадилак бара повеќе време, но нема да биде уште долго, децата ме кочат

Серхио Перез во болидот на Кадилак на тренинг во Кина
Фото: Liauzh / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Серхио Перез призна дека неговата кариера во Формула 1 се ближи кон крајот. Мексиканецот, кој сезонава се врати во шампионатот со новиот тим Кадилак, во интервју за мексиканската телевизија Телевиса, пред трките во САД и Мексико, рече дека сè уште нема одреден датум за пензионирање, но дека тоа нема да биде уште долго.

„Свесен сум дека сме многу поблиску до крајот отколку до почетокот, но токму затоа сакам целосно да уживам во овие Гран при трки, тие се сон“, изјави 36-годишниот возач, пренесува Гранде Премио.

Перез потпиша двегодишен договор со Кадилак за 2026 и 2027 година, кога американскиот производител го ангажираше заедно со Валтери Ботас за дебитантската сезона. Тимот, кој влезе во Формула 1 како 11ти тим во шампионатот, засега е последен во поредокот на конструктори без освоен бод, а најдобриот резултат на Перез се двете 14ти места. Кадилак се соочува со проблеми со сигурноста и со побавен развој од очекуваното.

„Тоа е проект што бара повеќе време отколку што првично мислев. Тешко е да се каже конкретен број години, но нема да биде уште долго“, рече Перез за развојот на тимот. Мексиканецот нагласи дека сака Кадилак да биде неговиот последен голем проект во Формула 1, но дека нема намера да ја продолжува кариерата бесконечно само за да дочека тимот да стане конкурентен.

Како главна причина за пензионирањето, Перез ги наведе своите четири деца. „Она што навистина ме кочи се децата. Би сакал да останам колку Фернандо Алонсо, на пример, но моите деца се на возраст кога сакам повеќе да бидам покрај нив“, објасни тој.

Перез настапува во Формула 1 од 2011 година и возел за Заубер, Мекларен, Форс Индија, Рејсинг Поинт, Ред Бул и Кадилак. Со Ред Бул освои две титули кај конструкторите, а во 2023 година беше втор во поредокот на возачи, зад Макс Верстапен. Во кариерата има шест победи на Гран при трки. По слабиот крај на 2024 година го загуби местото во Ред Бул, а 2025 година ја помина надвор од шампионатот.

Кадилак за викендот во Остин подготви специјален дизајн на болидите, инспириран од Тексас, со каубојски мотиви, потковици и кактуси. Перез во првиот слободен тренинг во петок ќе му го отстапи болидот на развојниот возач Колтон Херта, кој на патеката Сиркит оф Америкас во 2019 година ја освои својата прва победа во Индикар, а Мексиканецот ќе вози од вториот тренинг натаму.

По Остин, Формула 1 веднаш патува во Мексико Сити, каде што трката е закажана за 1 ноември. За Перез тоа ќе биде посебен викенд пред домашната публика, во период кога се приближува до својот 300ти старт во Формула 1.