Почина Рати Мсхвилидзе: поранешниот бек на Еурофарм Работник и репрезентативец на Грузија почина на 40 години

Спортската сала Боро Чурлевски во Битола
Фото: Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Ракометниот свет го потресе веста за смртта на Рати Мсхвилидзе. Поранешниот репрезентативец на Грузија, кој во сезоната 2017/18 го носеше дресот на битолскиот Еурофарм Работник, денешен Еурофарм Пелистер, почина на само 40 години.

Веста ја соопшти Грузиската ракометна федерација преку социјалните мрежи. „Со длабока тага соопштуваме дека почина Рати Мсхвилидзе, поранешен член на репрезентацијата на Грузија, ракометен ветеран и тренер. Тој имаше значаен придонес во развојот на грузискиот ракомет. Во текот на кариерата играше во клубови во Грузија и низ Европа, а подоцна се посвети на тренерската работа и своето искуство и знаење ги пренесуваше на младите генерации“, се наведува во соопштението што го пренесе грузискиот портал PrimeTime.

„Неговата смрт е голема загуба за грузискиот ракомет и за спортската заедница. Федерацијата изразува длабоко сочувство до семејството, роднините и пријателите на Рати Мсхвилидзе“, додаваат од федерацијата.

Федерацијата не ја соопшти причината за смртта. Според грузискиот спортски портал Crystalsport, Мсхвилидзе во последниот период имал срцеви проблеми, кои најверојатно биле причина за смртта.

Мсхвилидзе беше добро познат и на македонската ракометна публика. Како десен бек настапуваше за битолскиот клуб и во европските натпреварувања, вклучувајќи го и Челинџ купот на ЕХФ. Во кариерата играше и за Шевардени Тбилиси, Батуми, исландскиот Стјарнан, српската Металопластика и турскиот Трабзон, каде што ја заврши играчката кариера во сезоната 2021/22.

За репрезентацијата на Грузија дебитираше на 3 јануари 2007 година, а на 28 официјални натпревари постигна 112 гола. Дури 42 од нив ги постигна во квалификациите за Светското првенство во 2013 и 2014 година, на шест натпревари против Литванија, Турција и Финска, а на еден натпревар против Турција постигна 11 гола.

По завршувањето на играчката кариера, Мсхвилидзе се посвети на работата со младите категории. Зад себе остави значајна спортска кариера и убави спомени кај љубителите на ракометот во земјите во кои настапуваше, меѓу кои и Македонија.