Француската лига за професионален фудбал (ЛФП) го одложи натпреварот од десеттото коло во Лига 2 меѓу Монпеље и Ред Стар, кој требаше да се игра во сабота, 24 октомври, од 14 часот. Средбата ќе се одигра во понеделник, 26 октомври, од 20:45 часот, а одлуката е донесена поради новите протести најавени низ цела Франција за викендов.
„На барање на префектурата на Еро и во договор со телевизискиот носител на правата беИН Спортс, натпреварот меѓу Монпеље и Ред Стар се одложува за понеделник“, се наведува во соопштението на лигата што го пренесува РМЦ Спорт. Одлуката ја потврди и самиот клуб од Монпеље на своите официјални профили на социјалните мрежи.
Според Фигаро, ова е првиот професионален спортски настан во Франција што е одложен по насилството од минатиот викенд, кое избувна на маргините на протестите на 17 октомври. Властите стравуваат од нови немири, бидејќи за сабота се најавени демонстрации во повеќе градови.
Под закана се и други натпревари закажани за сабота попладне. Во Лига 2, во 14 часот, Дижон треба да го пречека Родез, а во Тулуза, каде што префектурата воведе полициски час од четврток до недела во ноќните часови околу плоштадот Капитол и во повеќе трговски улици во центарот, истиот ден се играат два натпревари. Фудбалерите на Тулуза го пречекуваат Троа во 17:15 часот, а рагби-тимот Стад Тулузен игра против Перпињан во 16:35 часот.
Немирите го зафатија и Париз, каде што полицискиот час повторно беше воведен околу плоштадот Република и четвртта Але во ноќта од вторник кон среда. Протестната атмосфера, според шпанските медиуми, се чувствуваше и пред натпреварот од Лигата на шампионите меѓу ПСЖ и Барселона, кој се одигра во вторник на „Парк де Пренс“.
Во недела Париз е домаќин на едно од најголемите дербија во француското првенство. ПСЖ од 20:45 часот на „Парк де Пренс“ го пречекува Лион во дуелот на врвот од Лига 1, а засега нема информации дека и овој натпревар е доведен во прашање.
















