Рајан Гарсија најави меч со Флојд Мејведер на 6 февруари

Боксерот Рајан Гарсија
Фото: Ryan Garcia / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Американскиот боксер Рајан Гарсија најави дека на 6 февруари во Лас Вегас ќе се бори со Флојд Мејведер. Шампионот на ВБЦ во полусредна категорија го соопшти тоа за време на директен пренос на социјалните мрежи, но борбата сè уште не е официјално потврдена, пренесува Боксинг сцена.

„Имаме најава. Ќе се бориме со Флојд Мејведер на 6 февруари. Ова не е егзибиција, ова е вистинска борба. Ќе му ја земам нулата. Ќе биде во Вегас“, изјави 28-годишниот Гарсија, кој во продолжение испрати и навредливи пораки кон легендарниот боксер.

Мејведер има совршен учинок од 50 победи без пораз, од кои 27 со нокаут. Последната професионална борба ја имаше во 2017 година против Конор Мекгрегор, а последниот меч за титула во 2015 година, кога по поени го победи Андре Берто. На 24 февруари ќе наполни 50 години.

Гарсија има 26 победи, два пораза и еден натпревар без одлука, а 21 од победите ги остварил со нокаут. Во септември за помалку од две рунди го совлада Конор Бен, а во последните недели се споменуваше и можен меч за обединување на титулите со Теофимо Лопез.

Претседателот на ВБЦ, Маурисио Сулејман, порача дека организацијата би ја поддржала борбата доколку Мејведер ги помине медицинските прегледи и добие лиценца. „Никогаш не смеете да го отпишете Флојд Мејведер. Прашање е дали ќе има целосни медицински прегледи и боксерска лиценца. Правилата ни дозволуваат да се бори за титулата“, изјави Сулејман, пренесува Токспорт.

Пред да биде договорена борбата, треба да се решат и правните проблеми. Компанијата ЦСИ спортс го тужи Мејведер, тврдејќи дека му платила 4,65 милиони долари за ексклузивни права за борбите со Мајк Тајсон и Мени Пакјао, а американскиот боксер, според тужбата, е обврзан прво да ги одработи тие два натпревари.

Мејведер мора да добие и лиценца од боксерската комисија на Невада, а доколку се бори за титулата, ќе мора да ја исполни границата од 147 фунти за полусредната категорија, во која последен пат настапи во 2015 година.

Гарсија уште кон крајот на октомври тврдеше дека се договорил со Мејведер за професионален меч за титулата, но тогаш немаше ниту датум ниту место на одржување. Самиот Мејведер на почетокот на ноември изјави дека планира да се бори со Гарсија во февруари.