Работнички продолжува без пораз во македонската кошаркарска Суперлига. Скопјани во 4тото коло го совладаа МКК Куманово со 70:63 и со максимален учинок од четири победи цврсто го држат првото место на табелата.
Дуелот во салата „Лазар Лечиќ“ беше неизвесен речиси до самиот крај. Кумановци ја добија првата четвртина со 18:19, но домаќините на полувреме заминаа со предност од 36:33, а по третата четвртина водеа со 53:51. Во последниот период Работнички се одлепи и стигна до победата.
Најефикасен кај Работнички беше Рикиќ, кој оствари дабл-дабл учинок од 17 поени и 11 скока, а Елингсворт додаде 13 поени. Кај МКК Куманово со 18 поени се истакна Мекиќ.
Кожув во Гевгелија го совлада Тиквеш со 90:81. Првата четвртина заврши со 25:25, а гостите од Кавадарци на одмор заминаа со предност од 46:49. Домаќините во третата четвртина направија пресврт, ја добија со 17:8 и до крајот ја сочуваа предноста.
Армстронг со 22 поени беше најзаслужен за третата победа на Кожув во сезоната, а Бојчев постигна 18. Кај Тиквеш најефикасен беше Смит со 23 поени, додека Сукс заврши со 15.
Пелистер пред својата публика во Битола го совлада Скопје 2023 со 101:94. Гостите ја добија првата четвртина со 19:26, но Битолчани беа подобри во втората со 23:22 и во третата со 25:24, а натпреварот го решија во последната делница, која заврши со 34:22.
Кочовиќ беше најдобар поединец на средбата со 31 поен. Кај Скопје 2023 американскиот двоец Џонс и Колин постигна 22, односно 20 поени. Пелистер по четири кола има две победи и два пораза, а Скопје 2023 досега има само една победа.
Колото го отвори ТФТ, кој уште во петокот го совлада ГКК Штип со 84:70, по водството од 44:31 на полувремето. Натпреварот меѓу Струмица 2001 и МЗТ од ова коло е закажан за 29 октомври.
















