Македонскиот репрезентативец Елмин Растодер постигна гол во убедливата победа на Панатинаикос од 5-1 на гостувањето кај Каират во Алмати, во второто коло од лигашката фаза на Лигата на конференциите.
Натпреварот на Централниот стадион во Алмати почна во 14:30 часот по локално време, порано од вообичаеното, поради временските услови во казахстанскиот град. Грчкиот тим доминираше од првата до последната минута.
Висенте Таборда ја отвори серијата голови уште во шестата минута, а Сириел Десерс со два погодока, од кои едниот од пенал, го зголеми водството. Кингс Кангва во 57мата минута постигна гол за 4-0.
Растодер влезе во игра во второто полувреме и во 75тата минута ја заокружи убедливата победа. Според грчкиот Гацета, Таборда ја пренесе топката до Андреас Тете, чие додавање се одби од играчите во казнениот простор и стигна до Растодер, кој со десната нога прецизно ја испрати топката во мрежата.
Ова е првиот гол за македонскиот напаѓач во лигашката фаза на Лигата на конференциите, откако претходно постигна гол и во квалификациите. Каират стигна само до почесен погодок во 79тата минута, преку Исмаил Бекболат.
Панатинаикос имаше 57 отсто посед на топката, а во почетниот дел од натпреварот голот на Тете беше поништен по интервенција на ВАР, пренесува 90 FUT.
Растодер го замени Десерс во 56тата минута, а освен што постигна гол, во завршницата изнуди и прекршок на средината на теренот. Кај Панатинаикос во второто полувреме влегоа и Факундо Пелистри, Педро Чиривеља и Ѓоргос Катрис.
















