Реал Мадрид ќе стави крај на двегодишниот бојкот на церемонијата за доделување на Златната топка. Според францускиот весник Л’Екип, кралскиот клуб подготвува поголема делегација која во понеделник, 26 октомври, ќе отпатува во Лондон, каде што во театарот „Паладиум“ ќе бидат доделени наградите на Франс Фудбал.
Мадриѓаните не присуствуваа на церемонијата во последните две години. Во 2024 година клубот, предводен од Флорентино Перес, одлучи да не отпатува во Париз откако дозна дека Винисиус Жуниор нема да биде победник, а наградата на крајот ја доби Родри. Бојкотот продолжи и минатата година, кога Златната топка ја освои Усман Дембеле.
Сега Реал има четворица номинирани во машката конкуренција: Килијан Мбапе, Џуд Белингем, Винисиус Жуниор и Марк Кукуреља. Тибо Куртоа е номиниран за наградата за најдобар голман, пренесува Јаху спорт.
Мбапе уште во средата ја потврди својата намера да биде во Лондон. „Ел Класико, а потоа церемонијата за Златната топка? Ајде да го направиме тоа“, изјави францускиот напаѓач по победата од 4-1 над Лајпциг во Лигата на шампионите, пишува Спортс илустрејтед.
Церемонијата во Лондон ќе се одржи само еден ден по големото дерби меѓу Барселона и Реал Мадрид на „Камп Ноу“, кое се игра во недела. Тоа значи дека фудбалерите на Реал ќе отпатуваат во англиската престолнина веднаш по натпреварот што може да има големо влијание врз борбата за титулата во Ла Лига.
Мбапе се смета за еден од главните кандидати за наградата. Францускиот напаѓач беше најдобар стрелец на Светското првенство со десет гола, но против него оди фактот што минатата сезона не освои ниту еден трофеј, ниту со Реал, ниту со репрезентацијата на Франција, која на Мундијалот заврши на четвртото место.
Според германскиот Евроспорт, во трката за наградата се и Хари Кејн, Ламин Јамал, Мајкл Олисе и Родри. Дел од шпанските новинари кои учествуваа во гласањето тврдат дека најголеми шанси имаат Кејн и Јамал.
















