Легендата на професионалното кечување, Рик Флер, во петокот заврши во болница откако падна пред ресторан во Тампа, во американската сојузна држава Флорида. Неколку часа претходно, 77-годишниот Флер го откажа настапот на конвенција во Сиетл поради тромб во ногата.
Според изворите на ТМЗ, Флер седел во ресторанот, а потоа станал од шанкот, ги оставил телефонот и пијалакот и тргнал да ја премине улицата. Таму ненадејно паднал и го повредил лицето.
Американскиот портал објави фотографии на кои медицинскиот персонал му укажува помош на поранешниот светски шампион, кој имал посекотини на главата и околу окото и обилно крварел. Флер потоа со брза помош бил пренесен во болница.
Неколку часа пред падот, Флер објави дека нема да може да присуствува на конвенцијата за обожаватели во Сиетл бидејќи лекарите му забраниле долги летови поради тромбот. Според ТМЗ, проблемот со згрутчувањето на крвта не е нов и со него се бори веќе неколку месеци.
Поради истиот проблем, Флер летово го откажа и настапот на средбата на Колифлауер Али Клуб, пишува Ф4В.
Неговата ќерка Шарлот Флер, која исто така е ѕвезда на ВВЕ, ги смири обожавателите. „Татко ми му кажува на докторот дека паднал затоа што Вориор го испуштил на глава… (п.с. ќе биде добро)“, напиша таа на социјалните мрежи.
Флер повеќепати изјавувал дека има проблеми со рамнотежата и вртоглавица уште од борбата со Алтимит Вориор на почетокот на деведесеттите години.
Ова не е првиот сериозен здравствен проблем за легендарниот кечер. Во 2017 година речиси го загуби животот поради пукање на цревата, по што помина неколку недели на интензивна нега, а дел од тоа време бил во индуцирана кома.
















