Арина Сабаленка повторно доживеа изненадувачки пораз. Првата носителка на турнирот во Вухан испадна уште на својот прв настап, откако Американката Ен Ли ја совлада со 3-6, 6-4, 7-6(5) по два часа и 27 минути игра, пренесува WTA.
Белорусинката, која беше слободна во првото коло, го доби првиот сет со осум освоени поени по ред, а во вториот сет поведе со брејк за 4-2. Тогаш натпреварот доби сосема поинаков тек. Ли освои девет од следните 11 гема, го израмни резултатот во сетови и поведе со 5-2 во одлучувачкиот сет.
Следуваше вистинска драма. Сабаленка во средината на третиот сет побара помош од физиотерапевтот, кој повторно ѝ ја преврза десната нога, а потоа спаси пет меч-топки при резултат 5-3. При 5-4 спаси уште две со винери од форхенд и бекхенд, израмни на 5-5 и го однесе натпреварот во тај-брејк.
И во тај-брејкот Сабаленка спаси две меч-топки, од кои едната со неверојатен форхенд во самиот агол. Сепак, Ли на својата десетта меч-топка погоди форхенд за победа. Според BBC, Белорусинката во Вухан добила третман поради проблем со коленото.
„Мислам дека на некои од тие меч-топки речиси го изгубив разумот. Бев блиску да се распаднам. На крајот мора да сфатиш дека воопшто не играв лошо. Таа само играше навистина добро. Затоа мора да играш поен по поен“, изјави Ли на прес-конференцијата.
За 26-годишната Американка, која е 31ва на светската ранг-листа, ова е најголемата победа во кариерата според рангирањето на противничката и прва над Сабаленка во четири меѓусебни дуели. Ова ѝ е трета победа во кариерата над тенисерка од првите десет, а втора оваа сезона. Во осминафиналето ќе игра против Џенис Тјен.
Сабаленка е трикратна шампионка во Вухан и четирипати стигнувала до полуфиналето, но сега за првпат нема да биде меѓу последните четири на овој турнир. Ова ѝ е втор последователен пораз, откако минатата недела во третото коло во Пекинг беше поразена од Никола Бартункова.
Денот во Вухан донесе уште едно изненадување. Втората носителка Џесика Пегула загуби од Јелена Остапенко со 2-6, 7-6(7), 6-3, додека Ига Швјонтек ја забележа 40тата победа во сезоната со 6-2, 6-1 против Магдалена Фрех. Британката Сонај Картал ја елиминираше Белинда Бенчиќ со 6-0, 7-5.
















