Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Репрезентацијата на Македонија до 21 година ги започна подготовките за двата квалификациски натпревари против Шкотска на 2-ри септември и против Северна Ирска на 6-ти септември.
Селекторот, Благоја Милевски ги има на располагање сите фудбалери што беа повикани откако му се приклучија Мурати и Бејтулау кои вчера играа за Шкендија.
Репрезентативците Даниел Аврамовски и Марјан Радески се свесни за важноста на натпреварите и изјавија дека ќе се обидат да продолжат во победнички ритам.
„Досегашните резултати не обврзуваат да продолжиме во ист ритам. Натпреварите против Шкотска и Северна Ирска се исклучително значајни, но имаме играчи кои можат да одговорат на предизвикот. Денеска ќе ја анализираме играта на Шкотска, а тактичките замисли на селекторот ќе ги работиме на тренинг. Се надевам дека ќе го покажеме квалитетот што го поседуваме и уште еднаш ќе ја израдуваме македонската јавност“, изјави фудбалерот на Црвена Звезда, Даниел Аврамовски.
„Знаеме што не очекува, Шкотска е квалитетна репрезентација, тактички дисциплинирана и не смееме да се опуштаме во ниту еден момент. Имаме сила и квалитет да се спротивставиме и да се радуваме на добар резултат. Во овие квалификации веќе направивме големи резултати, но посакуваме да остане запаметено нашето учество на големо натпреварување. Ќе дадеме се од себе тоа и да го постигнеме“, изјави Марјан Радески.