Шахистите на Алкалоид го завршија настапот на 41виот Европски клупски куп во Будва со убедлива победа од 5:1 над францускиот Марсеј Ешек во последното, седмо коло. Скопјани собраа вкупно 11 бода и го поделија четвртото место, а според дополнителните критериуми им припадна шестата позиција.
Европски шампион стана турскиот Бајеган Пендик, кој во последното коло го совлада романскиот Суперчес со 3,5:2,5. Турската екипа заврши со 13 бода, колку што освои и чешкиот Нови Бор, но според дополнителните критериуми титулата замина во Турција. Бронзата ја освои израелскиот Ришон ле Цион, пренесува Европската шаховска унија.
Алкалоид, кој го започна турнирот како трет носител, претходно ремизираше со домашната Електропривреда, шестиот носител, па во финишот немаше доволно простор да ги престигне конкурентите.
„Резултатот од последното коло е 5:1 и го сметам за објективен. Францускиот тим даде солиден отпор. Веи имаше уште една екстра партија, а цел поен прокнижи и Јангји Ју. Пураник со црните фигури имаше слаб старт, но во долга и исцрпувачка завршница успеа да направи пресврт и да победи, а Ивиќ го заокружи турнирот со уште една победа“, изјави капитенот на Алкалоид, велемајсторот Влатко Богдановски.
„На крај мора да се заклучи дека игравме во екстремно силна конкуренција. Швајцарскиот систем на впарување и овој пат не донесе дуел меѓу првопласираниот и второпласираниот“, додаде Богдановски.
Двајца шахисти на Алкалоид освоија и поединечни медали. Веи Ји освои сребро на втората табла, а Велимир Ивиќ бронза на шестата табла. Во последното коло, според Чес.ком, највисоко рангираниот играч на турнирот, Нодирбек Абдусатторов, загуби од Аниш Гири во клучниот меч за титулата.
Вториот македонски претставник, Мулти Есенс, го заврши турнирот со победа од 3,5:2,5 над Фенербахче. Победничкиот поен го донесе Филип Панчевски, а младата екипа, која го започна турнирот како 43ти носител, со четири победи и осум бода заврши на 37мото место.
„Младите шахисти покажаа знаење, но и променлива форма, па ова е големо искуство за нив што ќе ги подготви за следни настапи од ваков калибар“, рече велемајсторот Трајко Недев.
Идната година за првпат ќе се игра Европската суперлига во шах со осумте најдобри екипи, а турнирот ќе се одржи во Букурешт во февруари.















