Шахистите на Алкалоид како трет носител во Будва: во јубилејната година по нов европски медал

Будва и ривиерата во Црна Гора
Фото: Dirgela / Wikimedia Commons (CC0)

Шаховскиот клуб Алкалоид во сабота го почнува настапот на 41виот Европски клупски куп во Будва, Црна Гора. Скопјани се треторангирани според просечниот рејтинг на играчите од 2.686 бода, а првото коло е закажано за 17 октомври, според распоредот на организаторите на ECCC 2026.

Прв носител е турскиот Бајеган Пендик со просечен рејтинг од 2.715, втор е Суперчес Романија со 2.698, а бранителот на титулата, чешкиот Нови Бор, е четврти со 2.659. Во отворената конкуренција се пријавени над сто екипи.

Алкалоид е најуспешниот шаховски клуб во Македонија. Пред точно десет години, во 2016 година, во Нови Сад, стана првиот македонски европски клупски шампион, а во 2017, 2024 и 2025 година беше втор.

Годинава клубот слави 50 години од основањето. Основан е во 1976 година и континуирано настапува на Европскиот клупски куп од промената на системот на натпреварување во 2000 година. Оваа сезона Алкалоид ја освои двојната круна на домашната сцена, со титули во машка и во женска конкуренција.

„На нашата 40-годишнина во 2016 година беше освоена европската титула. Денес, по двете вицешампионски титули на последните два настапи, повторно заминуваме со амбиции за висок пласман“, изјавија од клубот пред заминувањето во Будва.

Македонија ќе има уште еден претставник во машка конкуренција. Мулти Есенс, составен од млади шахисти од школата на Алкалоид, првпат настапува на турнирот, предводен од интернационалниот мајстор Филип Панчевски и репрезентативките Моника Стојковска и Моника Жежовска.

Во женска конкуренција ќе играат Гамбит АСЕЕ и Гостивар. Најдобро рангираниот македонски шахист, Евгени Романов, ќе настапи за црногорскиот клуб Електропривреда.

Играчот со највисок рејтинг на турнирот е узбекистанскиот велемајстор Нодирбек Абдусатторов, кој ќе игра за Суперчес Романија. Турнирот трае до 23 октомври.