Шампионот Никс и финалистот Спарс сè уште без победа во НБА

Виктор Вембанјама и Џош Харт во финалето на НБА 2026
Фото: The White House / Wikimedia Commons (јавна сопственост)

Двата минатогодишни финалисти во НБА лигата и по второто коло се без победа. Шампионот Њујорк Никс загуби од Бостон со 107-103, а Сан Антонио Спарс беше поразен од Хјустон со 114-110 во тексашкото дерби одиграно во Остин.

Натпреварот меѓу Рокетс и Спарс се играше во салата Муди Центар на Универзитетот во Тексас и беше вистински трилер со 14 промени на водството и 11 изедначувања. Хјустон водеше и со 11 поени разлика во вториот период, но Спарс постојано се враќаа, иако ниту еднаш не поведоа со повеќе од еден поен.

Во последните секунди Амен Томпсон го блокираше шутот на Виктор Вембанјама и ја запечати победата на Рокетс. „Кога Вемби ја доби топката, мислев дека ќе се обиде да се издигне над сите. Веројатно и тој така мислеше, но Амен е неверојатен атлет. Каков блок што ја спаси победата“, изјави Кевин Дурант, пренесува НБА.

Алперен Шенгун беше најефикасен кај Хјустон со 29 поени, седум скока и седум асистенции. Дурант, кој се врати во градот каде што играше за колеџот Тексас, заврши со 20 поени, седум скока и шест асистенции и погоди клучна тројка на една и пол минута пред крајот. Вембанјама, по катастрофалното издание на отворањето, кога шутираше 1 од 13, овој пат имаше 25 поени, 13 скока и две блокади. Рокетс се на 2-0, а Спарс на 0-2.

„Иако е рано, ова е екипа која може да се бори за титулата и која минатата година беше во финалето. Ваков тест на почетокот на сезоната е секогаш добар“, рече Дурант.

Во Бостон, Џејсон Тејтум го реши натпреварот со 36 поени (14 од 26 од игра), девет скока, седум асистенции и три украдени топки, при што 25 поени постигна во второто полувреме. Селтикс водеа со 11 поени разлика осум минути пред крајот, но Никс со серија од 16-5 се приближија на само еден поен заостаток.

Тогаш Тејтум постигна три кошеви по ред, а последниот, тројката над Карл Ентони Таунс на 35 секунди пред крајот, го одлучи победникот. „Ако погледнете во статистиката, 14 од 26, 36 поени, тоа е натпреварот што сите го очекуваат од него 82 вечери годишно“, изјави тренерот на Бостон, Џо Мазула, пренесува НБА.

Нимијас Кеита и Пол Џорџ додадоа по 15 поени за Селтикс, кои ја забележаа првата победа во сезоната. Победа против поранешниот клуб прослави и Мичел Робинсон, кој летово од Никс премина во Бостон. Никс на отворањето загубија од Филаделфија, во вечерта кога го подигнаа шампионскиот транспарент во Медисон Сквер Гарден.