Шест години суспензија за маратонката Рути Ага

Тркачки на Токискиот маратон во 2019 година, меѓу нив и Рути Ага
Фото: nakashi / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Етиопската маратонка Рути Ага, победничка на Токискиот маратон во 2019 година, е суспендирана на шест години поради допинг и манипулација со антидопинг постапката. Одлуката ја објави Единицата за интегритет во атлетиката (АИУ).

Ага била позитивна на кортикостероидот метилпреднизолон по победата на полумаратонот во Кина во март годинава. Казната вклучува две години за употреба на забранетата супстанција и уште четири години за манипулација, објави Би-би-си.

Атлетичарката тврдела дека супстанцијата ја добила од лекар во Етиопија како терапија за болка во коленото. Сепак, истрагата покажала дека клиниката наведена во документот не постои, а наводниот рецепт го потпишал член на нејзиното семејство кој не е регистриран лекар.

Ага потоа не одговорила на обвиненијата за употреба на метилпреднизолон и за манипулација, па суспензијата е изречена без сослушување, пренесува Гардијан.

Метилпреднизолонот е кортикостероид кој, според правилата на Светската антидопинг агенција, е забранет на натпревари, освен ако спортистот нема важечко медицинско одобрение. Токму затоа рецептот што го доставила Ага бил клучен дел од нејзината одбрана, но независната Единица за интегритет во атлетиката утврдила дека документот е лажен.

Суспензијата на 32-годишната атлетичарка тече од 10 септември годинава, што значи дека долги години нема да може да настапува на трки.

Ага е една од најпознатите маратонки од Етиопија во последната деценија. Во 2019 година го освоила Токискиот маратон со време од 2:20:40, а се искачувала на подиумот и на маратоните во Берлин и Њујорк.

Случајот е уште еден удар за источноафриканската атлетика, која во последните години се соочува со голем број допинг суспензии на тркачи на долги патеки.