Шкендија повторно е сама на врвот на Првата македонска фудбалска лига. Тетовци во 10тото коло гостуваа во Автокоманда и го совладаа последнопласираното Скопје со 1-3.
Гостите го решија натпреварот уште на почетокот. Ендрит Красниќи го отвори резултатот во втората минута, а Бојан Димоски во деветтата минута го зголеми водството на 0-2. Во финишот на првото полувреме, Виктор Ангелов намали на 1-2 за домаќините.
Во 52рата минута Фабрис Тамба со удар со глава ја врати предноста од два гола за Шкендија. Тетовци можеа и да ја зголемат разликата, но Бесарт Ибраими промаши пенал, а неговиот удар заврши покрај голот на Кристијан Наумовски.
Со оваа победа Шкендија има 23 бода, три повеќе од Струга Трим Лум и Вардар. Скопје и по десет кола е без победа и со само три бода останува на дното на табелата.
Во другиот неделен натпревар од колото, Силекс гостуваше во Куманово и го совлада Башкими со 0-3. Нихад Шеро го отвори резултатот во 13тата минута, Кристијан Ефтимов постигна спектакуларен гол за 0-2 во 48мата минута, а Мишов ги постави конечните 0-3 во 90+2 минута. Во 75тата минута Рибеиро ја затресе мрежата, но голот беше поништен по ВАР-проверка.
Силекс со оваа победа ја прекина серијата од шест натпревари без победа и сега има 13 бода. Башкими останува во опасната зона со седум бода.
Десеттото коло завршува утре со натпреварот Арсими – Тиквеш.
Прочитајте и: ФФМ поведе постапка против Башкими
Извор: МакФудбал, Спорт Манија, Спорт+, SportSport















