Шкендија пред дербито со Вардар ги повика навивачите на фер-плеј

Навивач на Шкендија со шал на „Балистет“
Фото: Werner100359 / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Шкендија и Вардар утре од 14 часот на Градскиот стадион во Гостивар ќе го одиграат најголемиот натпревар од 11тото коло во Првата македонска фудбалска лига. Пред дербито, домаќинот објави соопштение во кое ги повикува навивачите на коректно навивање и строго почитување на безбедносните мерки.

Стадионот во Гостивар има само една трибина со капацитет од 1.500 гледачи, а од клубот предупредуваат дека оваа бројка не смее да биде надмината од безбедносни причини. Затоа навивачите се замолени да пристигнат порано, бидејќи на влезовите ќе има безбедносни проверки и можни гужви.

„Ги повикуваме сите навивачи да навиваат коректно и во духот на фер-плејот, да ја поддржуваат Шкендија со страст, но секогаш во рамките на правилата, избегнувајќи какви било постапки што би можеле да доведат до инциденти или до казни за клубот“, се вели во соопштението на тетовскиот клуб.

Од Шкендија додаваат дека го разбираат големиот интерес, но капацитетот не дозволува присуство на сите што сакаат да го гледаат дербито. Без билет ќе можат да влезат само деца во придружба на родител, под услов да не заземаат посебно седиште, а претставниците на медиумите мора однапред да побараат акредитација поради ограничениот простор.

Шкендија во дербито влегува како лидер на табелата со 23 бода по десет кола, со седум победи, два нерешени натпревара и само еден пораз. Вардар е трет со 20 бода, колку што има и второпласираната Струга Трим Лум, која во сабота од 12 часот го пречекува Скопје.

Тетовци во последното коло славеа со 3-1 на гостувањето кај Скопје, додека Вардар оствари минимална победа од 1-0 во Штип против Брегалница. Скопјани заостануваат три бода зад лидерот и со победа во Гостивар би се изедначиле со Шкендија на врвот.

Првиот меѓусебен дуел оваа сезона, во второто коло на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје, Шкендија го доби со 2-0, а двата гола ги постигна напаѓачот Фабрис Тамба. Шкендија привремено ги игра домашните натпревари во Гостивар поради градежните работи на Градскиот стадион во Тетово.

Колото го отворија Силекс и Шкендија Арачиново, а Кратовци славеа со 2-0 во петочниот натпревар. Во недела од 12 часот Арсими во Гостивар ќе ја пречека Брегалница, а колото ќе го затворат Тиквеш и Башкими во Кавадарци, според распоредот на Фудбалската федерација на Македонија.