Шортс со 25 поени ја предводеше Валенсија до победа во Париз

Ти Џеј Шортс во дресот на Париз
Фото: Sandro Halank / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Ти Џеј Шортс, кошаркарот со македонски пасош, го одигра најдобриот натпревар во сезоната токму против својот поранешен клуб. Плејмејкерот на Валенсија постигна 25 поени и ја предводеше шпанската екипа до победа над Париз со 104-93 во седмото коло од Евролигата.

Шортс шутираше 9 од 14 од игра и беше непогрешлив од линијата за слободни фрлања (5 од 5), а натпреварот го заврши со четири скока, девет асистенции и индекс на корисност од 33, пренесува Баскетбол сфера.

Голема помош му даде Армони Брукс, кој го заврши натпреварот со 22 поени. Кај Париз, кој повторно играше без Надир Хифи, најефикасен беше Џаред Роден со 20 поени, а Џереми Морган додаде 12. Валенсија со оваа победа стигна до петтиот триумф во Евролигата оваа сезона.

Шортс во Париз помина две сезони, во кои го освои Еврокупот во 2024 година и првата титула во францускиот шампионат во 2025 година. По натпреварот не криеше дека враќањето во францускиот главен град за него беше емотивно.

„Сè уште зборувам со поранешните соиграчи од Париз. Толку многу спомени од тука. Тие две години ми се сè уште блиску до срцето. Панатинаикос е затворено поглавје. Ова е нова година. Кога сум на теренот, се забавувам и се смеам, а тоа е мојата најдобра верзија“, изјави Шортс.

Американецот призна дека минатата сезона во Атина му била тешка. „Тренерите ми даваат многу одговорност, тоа е улогата што ја сакам и во неа можам да блескам. Имам силна поддршка од семејството и сопругата, многу верувам во Бог и многу се молам“, додаде тој.

Дербито на вечерта во Пиреја го доби Фенербахче, кој по заостанување од 16 поени го совлада Олимпијакос со 64-61. Турскиот шампион постепено се врати во натпреварот и поведе на околу 40 секунди пред крајот, по продорот на Вејд Болдвин.

Олимпијакос имаше шанса за продолжение, но Саша Везенков, кој го заврши натпреварот со 17 поени и десет скока, во последниот напад промаши шут за три поени. Кај Фенербахче најефикасен беше Шавон Шилдс со 17 поени и седум скока, Болдвин додаде 14, а Шејн Ларкин 13. Домаќините играа без Еван Фурние, Жан Монтеро и суспендираниот Тајлер Дорси, пренесува Јурохупс.

Во третиот натпревар од петокот, Жалгирис во Каунас го совлада Асвел со 105-85.