Лионел Скалони ќе остане селектор на Аргентина до Светското првенство во 2030 година. Продолжувањето на договорот го објави претседателот на Аргентинскиот фудбалски сојуз, Клаудио Тапија, на прес-конференција во тренинг-центарот „Лионел Андрес Меси“ во Езеиза, пренесува Аргентинскиот фудбалски сојуз.
Со тоа завршија дилемите што траеја од јули, кога Скалони, по поразот од Шпанија со 0-1 во финалето на Светското првенство во Њу Џерси, се двоумеше дали ќе продолжи на клупата на „гаучосите“, пишува АФП.
„Сега почнува нов проект“, изјави 48-годишниот стручњак, кој порача дека е полн со ентузијазам како на првиот ден.
Скалони ќе мора да гради нова приказна без Лионел Меси. Капитенот и најголемата ѕвезда на репрезентацијата во изминатите 20 години пред еден месец ја заврши репрезентативната кариера.
Тапија рече дека по истекот на новиот договор Скалони ќе биде селекторот што ја водел Аргентина на најмногу светски првенства во историјата.
Скалони ја презеде репрезентацијата на 7 септември 2018 година, по неуспешното Светско првенство во Русија, без претходно тренерско искуство на сениорско ниво. Под негово водство Аргентина ја освои светската титула во Катар во 2022 година, Копа Америка во 2021 и 2024 година, како и Финалисимата во 2022 година, кога на „Вембли“ ја победи Италија со 3-0.
На Светското првенство оваа година Аргентина во четвртфиналето ја елиминираше Швајцарија, во полуфиналето ја победи Англија со 2-1, а во финалето загуби од Шпанија. Тоа беше петто последователно големо натпреварување на кое „гаучосите“ стигнаа барем до полуфиналето.
Аргентинските медиуми уште во октомври пишуваа дека договорот е постигнат и дека недостасува само потписот. Сега тоа е и официјално, а Аргентина во петокот на „Бомбонера“ игра пријателски натпревар против Уругвај, по што на 17 ноември во Кордоба ќе се сретне со Костарика.
„Тоа што мора да остане е духот на тимот, чувството на единство меѓу играчите и луѓето“, изјави Скалони уште по финалето против Шпанија.
















