Фудбалерите на Скопје ја продолжија позитивната серија во Првата македонска фудбалска лига. Пиратите од Автокоманда денеска во Куманово го совладаа Башкими со 2-1 во натпреварот од 15тото коло и стигнаа до втората победа по ред, со која се одлепија од последното место на табелата.
Двата гола за Скопје ги постигна Виктор Ангелов, кој во интервал од само три минути, во 57мата и во 60тата минута, му донесе предност од 2-0 на својот тим.
Башкими се врати во игра во 84тата минута, кога мрежата ја затресе Теодор Мирчевски. Домаќините во 90тата минута стигнаа и до израмнување, но голот беше поништен поради офсајд по прегледувањето на снимката со помош на ВАР-технологијата, пренесува „Спортманија“.
Скопје претходно немаше победа во 13 кола по ред, а сега ги доби последните два натпревари. Ова беше и првата гостинска победа на екипата од Автокоманда сезонава, како и реванш за домашниот пораз од Башкими со 1-2 во првиот дел од првенството.
Со новите три бода, Скопје му го препушти последното место на Арсими, со кој сега има ист број бодови, па двата тима ги очекува тешка битка за опстанок. Башкими, кој се наоѓа на третото место од дното на табелата, со овој пораз ја прекина серијата од три натпревари без пораз.
Фудбалерите на Скопје го прославија триумфот со победничко селфи на теренот во Куманово, за што пишува „Спортспорт“.
Во првиот натпревар од колото, Шкендија Арачиново и Брегалница одиграа без голови (0-0) на „Чаир“. Домаќините имаа повеќе причини за жалење, особено поради пропуштената шанса во 15тата минута, кога Дашмир Елези ја погоди стативата со удар од дваесетина метри, а Николче Шаркоски ја испрати одбиената топка покрај голот, пишува „МакФудбал“.
Во 59тата минута Брегалница имаше среќа кога Хаџи-Кимов за малку ќе постигнеше автогол, но голманот Кевин Заов интервенираше во последен момент. До крајот Марко Симоновски и Бесир Демири имаа уште неколку обиди, но мрежите останаа недопрени, па Брегалница се врати во Штип со бод.
















