Сопствениците на Евролигата ја одбија првата понуда на НБА за проектот НБА Европа. Одлуката е донесена на состанокот на 13те клубови акционери во Вила д’Есте во Чернобио, на езерото Комо, а понудата е оценета како финансиски незадоволителна, пишува Sportando, повикувајќи се на Газета дело Спорт.
Ниту еден акционер не бил за предлогот на НБА, кој се однесувал на сегашниот број акционери, објави Eurohoops. Сепак, вратата за соработка не е затворена и се очекува наскоро да биде закажан нов состанок.
Според Газета дело Спорт, понудата на НБА предвидувала Евролигата да ја задржи сегашната структура и да не се проширува. Еден европски клупски функционер за The Athletic, пренесено од RealGM, изјавил дека неколку клубови се против НБА Европа, но дека на најголемиот дел едноставно не им се допаднал предлогот.
Расправата била жешка. Според грчките медиуми, пренесени од Ara, Олимпијакос имал најостар став и побарал гласање за прекин на секакви преговори со НБА, но тој предлог не поминал. Реал Мадрид побарал НБА да добие 30 дена за подобра понуда, Барселона ја оценила понудата како „шега“, а неколку клубови ја нарекле „неприфатлива“. Понудата, според Атлетико, била далеку под двете милијарди евра што се спомнуваа.
Клубовите се договорија да продолжи процесот на претворање на сегашните десетгодишни лиценци во франшизи за 13те акционери: Барселона, Реал Мадрид, Басконија, Анадолу Ефес, ЦСКА Москва, Олимпија Милано, Баерн Минхен, Фенербахче, АСВЕЛ, Макаби Тел Авив, Олимпијакос, Панатинаикос и Жалгирис. Конечна одлука за новите франшизи не е донесена, а понудите на кандидатите дополнително ќе се проверуваат.
Проширувањето од 20 на 24 тима останува во планот, но извештаите се разликуваат околу неговата динамика. Eurohoops пишува дека проширувањето од сезоната 2027-28 е потврдено, додека Газета дело Спорт тврди дека клубовите го ставиле на пауза, што е еден од условите на НБА за да продолжат разговорите.
НБА планира лига од 16 тима, со 12 трајни франшизи и четири места за европски клубови преку спортски резултат, а стартот е предвиден за октомври 2027. Во НБА велат дека проектот ќе продолжи со или без Евролигата, а најмалку шест клубови од Евролигата размислуваат да се приклучат, пишува The Athletic.
Сепак, извор од еден од веројатните идни членови на НБА Европа изјавил дека стартот во октомври 2027 е „невозможен“ без спојување со Евролигата. По првата размена на понуди, двете страни сега се упатени на посериозни преговори за иднината на европската кошарка.
















