Светски рекорд на Матка: Питала нурна до 338 метри, пештерата Врело стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот

Пештерата Врело во кањонот Матка
Фото: kallerna / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Подводната пештера Врело во кањонот Матка е новиот светски број еден. Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ денеска ги објави деталите од експедицијата „Врело 2026“, во која меѓународниот тим спелеонуркачи достигна длабочина од 338 метри.

Новата длабочина е за 51 метар поголема од досегашните 287 метри, до кои пештерата беше истражена во 2025 година. Со тоа, според клубот, Врело од третото место се искачи на првото место на листата на најдлабоко истражени подводни пештери, пред Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија.

Рекордното нуркање го изведе полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, истиот нуркач кој минатата година ја помести границата до 287 метри. Операцијата траеше девет часа, а за неговата безбедност се грижеа 12 нуркачи распоредени на различни длабочини долж главниот канал.

Од клубот соопштија дека се поставени три светски рекорди во категориите најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води. Експедицијата траеше од 10 до 17 октомври, а во неа учествуваа 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија.

Покрај рекордната длабочина, нуркачите открија и два досега непознати канали и вкупно истражија повеќе од 150 нови метри од пештерскиот систем. Првиот нов канал се наоѓа на околу 300 метри од влезот, на длабочина од 33 метри, и е долг приближно 100 метри, додека вториот е откриен на длабочина од 170 метри и се поврзува со главниот длабински канал.

Посебен успех за домашните нуркачи е подводната воздушна комора, позната како хабитат, која македонскиот тим ја изработи и ја постави на длабочина од осум до девет метри, на околу 130 метри од влезот. Во неа нуркачите престојуваа за време на долгите декомпресиски постапки, а низ пештерата беа поставени и повеќе од 30 боци со различни гасни мешавини, како и резервни батерии за греење и осветлување.

На површината беше организиран координациски тим со медицинска и спасувачка поддршка. На располагање беа хипербарична комора, хеликоптерската единица на МВР, нуркачите од специјалната единица „Тигар“, брзи чамци и екипа на Итната медицинска помош.

Врело долги години е една од најпознатите дестинации за длабинско пештерско нуркање во Европа. Италијанецот Луиџи Касати во 2010 година стигна до дното на вертикалниот шахт на околу 212 метри, а потоа Кшиштоф Старнавски ја продолжи линијата подлабоко. Питала во својот опис на експедицијата од 2025 година за порталот Underwater 3D пишува дека главниот шахт почнува на околу 40 метри и речиси вертикално се спушта под 200 метри.

Полскиот нуркач важи за еден од најпознатите истражувачи на длабоки пештери во Европа, со нуркања до 255 метри во Грција и 292 метри во Италија. Во интервју за InDEPTH тој објаснува дека длабочината не му е цел сама по себе, туку последица на тоа каде води пештерата: „За да истражуваме, да бидеме на места каде никој досега не бил, мораше да ја следиме пештерата“.