Ташовски со 15 поени за втората победа на Дубровник

Виктор Ташовски на кошаркарски натпревар
Фото: Hatorcat / Wikimedia Commons (CC0)

Македонскиот репрезентативец Виктор Ташовски продолжува со добрите изданија во хрватската кошаркарска лига. Тој со 15 поени и седум асистенции беше еден од најзаслужните за победата на Дубровник од 84-80 на гостувањето кај Дубрава, во петтото коло од СуперСпорт Премиер лигата.

Ташовски помина 29 минути на паркетот, а покрај поените и асистенциите, забележа и три скока и една украдена топка. Тој беше втор стрелец во својот тим, зад Петар Дубељ, кој постигна 18 поени и додаде седум асистенции, објави Хрватскиот кошаркарски сојуз.

Домаќините подобро го започнаа натпреварот и по тројката на Леонард Диксон поведоа со 24-13. Дубровник потоа одговори со серија од 18-2 и го презеде водството, а на одмор замина со предност од седум поени, 43-36.

Гостите во третата четвртина ја зголемија разликата и по кошот на Дубељ поведоа со 74-57, па се чинеше дека победникот е веќе познат. Сепак, Дубрава со две тројки на Диксон и поени на Матеј Перковиќ направи серија од 12-0 и се приближи на 80-78.

Во драматичната завршница токму Ташовски и Давид Павин беа сигурни од линијата за слободни фрлања, ја зачуваа предноста и ги однесоа бодовите на југот на Хрватска. Кај Дубрава најефикасен беше Карло Уљаревиќ со 28 поени и седум асистенции.

„Дубрава одлично го почна натпреварот, а кога променивме некои работи во одбраната и ја подигнавме агресивноста, дојдовме до многу лесни поени. И покрај тоа што на крајот имавме петнаесетина поени предност, многу се измачивме за да ја добиеме оваа утакмица“, изјави тренерот на Дубровник, Горан Гуњевиќ.

За Дубровник ова е втора победа во сезоната. Првата ја донесе токму Ташовски, кој во третото коло со 25 поени го предводеше тимот до победата од 92-79 над Забок.

По скромниот почеток во новиот клуб, на натпреварите против Сплит и Динамо Загреб, македонскиот кошаркар сега има три последователни двоцифрени изданија и сè повеќе се наметнува како еден од клучните играчи во екипата на Гуњевиќ.