Тешка повреда за Јакимовски: целосно кинење на стомачен мускул, паузата неизвесна

Кошарка обрач сала
Кошарка обрач сала

Македонскиот кошаркар Андреј Јакимовски доживеа тешка повреда и ќе биде надвор од теренот на неодредено време. Наполи соопшти дека дијагностичките испитувања покажале целосно кинење на внатрешниот кос мускул на десната страна на стомакот, со одвојување од припојот на единаесеттото ребро.

„Играчот веќе ја започна програмата за терапија и рехабилитација изготвена од медицинскиот тим. Времетраењето на закрепнувањето ќе се утврди врз основа на развојот на клиничката состојба и одговорот на третманот“, стои во соопштението на клубот, пренесено од SportSport.

Според италијанскиот весник Il Mattino, Јакимовски се повредил на тренинг еден ден пред натпреварот, а весникот пишува дека постои ризик од подолга пауза.

Без него, Наполи во неделата славеше со 99-80 на гостувањето кај Канту и со три победи од три натпревари се наоѓа на врвот во италијанската Серија А. Најефикасен беше дебитантот Рамзи со 19 поени, а двоцифрен учинок имаа и Џеф Даутин, Џек Вајт, Маркел Браун и Селјас.

Јакимовски одлично ја започна сезоната во новиот клуб, а против Реџо Емилија имаше дабл-дабл со 17 поени и 10 скокови. Повредата е лоша вест и за македонската репрезентација, која во ноември игра натпревари во квалификациите за Европското првенство, потсетува SportSport.