ТФТ го доби скопското дерби против вицешампионот Скопје со 102-98, Паркер со 31 поен не беше доволен

Кошаркарите на ТФТ во Супер лигата
Фото: Dandarmkd / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Кошаркарите на ТФТ ја запишаа првата победа во новата сезона од Супер лигата. Во дербито од второто коло, кое го отвори колото во четвртокот вечер, на домашен терен го совладаа вицешампионот Скопје со 102-98, по натпревар во кој предводеа од почетокот до крајот.

Двата тима сезоната ја почнаа со порази. ТФТ загуби на гостувањето кај Пелистер во Битола, а Скопје, поранешниот Маџари, на домашен терен беше поразен од гевгелискиот Кожув. За вицешампионот ова е втор пораз по ред на стартот од првенството.

Двоцифрена предност уште по првата четвртина

Домаќинот одлично го отвори мечот и по првите десет минути водеше со 30-18. Скопје во вториот период ја намали разликата на шест поени, но ТФТ брзо одговори и на одмор замина со 52-41. Третата четвртина донесе најдобра игра на тимот од Тафталиџе, кој во еден момент стигна до максимални 17 поени предност, 64-47.

Скопје повторно покажа карактер и со неколку серии ја намали разликата на 74-63 пред последните десет минути. Во завршницата гостите ја презедоа иницијативата и стигнаа на само два поени, 92-90, но ТФТ остана смирен и не дозволи пресврт пред своите навивачи.

Цветковски предводник со 24 поени

Ѓорѓи Цветковски беше најефикасен кај победникот со 24 поени. Дабл-дабл учинок запиша Вајт, а Николов натпреварот го заврши со 10 поени. Кај Скопје блесна Паркер, кој постигна 31 поен и собра 12 скока, но тоа не беше доволно за прва победа во сезоната.

Двата клуба имаат различна приказна и надвор од домашното првенство. Скопје како вицепрвак требаше да настапи во АБА2 лигата, но се откажа од учеството, додека ТФТ ќе биде дел од второлигашката регионална конкуренција.

Останатите четири натпревари од второто коло на Супер лигата се играат за викендот.