Арсими и Тиквеш одиграа 1-1 во Гостивар во последниот натпревар од десеттото коло во Првата македонска фудбалска лига. Со ремито, кавадарчани не успеаја да го направат колото историско, бидејќи во претходните четири средби славеа гостите, но ја продолжија серијата без пораз, додека гостиварци останаа непоразени пред своите навивачи.
Тиквеш подобро го почна натпреварот и се закануваше преку Лавал и Сила, но домаќините постепено ја презедоа иницијативата. Во 24тата минута Гаје ја затресе мрежата на гостите, но голот беше поништен поради офсајд.
Арсими сепак поведе во 38мата минута. Каба Јакупи ја искористи грешката во одбраната на Тиквеш, си отвори простор и со удар од далечина го совлада гостинскиот голман за 1-0.
Кавадарчани возвратија уште пред паузата. По индивидуален продор, Лавал го проигра Сила пред казнениот простор, а тој со атрактивен удар во горниот дел од мрежата го совлада Силјановски за 1-1. Сила повторно беше стрелец за тимот на Оливер Богатинов.
Во второто полувреме имаше шанси на двете страни. Во 56тата минута Рамадани имаше одлична можност за пресврт, но неговиот удар со глава заврши покрај стативата. Во 74тата минута Арсими бараше пенал поради игра со рака на Лавал, но по проверката на ВАР не беше досудена најстрога казна.
Тиквеш беше блиску до победата во 81вата минута, кога Окере со силен удар од околу 20 метри ја погоди пречката. Домаќините ја имаа најголемата шанса во 88мата минута, кога по грешка на Фал, во добра позиција се најде Дошев, но голманот Стевковски го одбрани неговиот удар.
Со ова реми Тиквеш стигна до седмиот натпревар по ред без пораз во првенството и сè уште нема загубено на гостински терен сезонава, со две победи и три нерешени резултати. Арсими, пак, ја зачува серијата без пораз во Гостивар, со една победа и четири ремија на домашен терен.
Десеттото коло заврши со четири гостински победи и едно реми. Шкендија победи кај Скопје со 1-3, Силекс кај Башкими со 0-3, Вардар кај Брегалница со 0-1, а Струга Трим Лум ја совлада Шкендија од Арачиново со 0-2.















