Големото дерби од 11тото коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Шкендија и Вардар заврши без победник и без голови, 0-0, иако мрежите во Гостивар се затресоа дури три пати. Сите три погодоци беа поништени по интервенција од ВАР-собата поради офсајд.
Првиот удар од технологијата го почувствуваа домаќините. Во 30тата минута најдобриот стрелец на Шкендија, Ндзенгуе, ја погоди мрежата на Вардар, но по проверката беше утврдено дека во акцијата имало недозволена позиција, па голот не беше признат.
Вистинската драма се случи во самата завршница. Вардар одигра похрабро во второто полувреме, а во 89тата минута Димитар Данев ја круниса брзата контра со гол. Радоста на гостите беше прекината по подолга ВАР-проверка. Во 93тата минута Едиз Спахиу повторно ја затресе мрежата на Гаје, но и овој погодок беше поништен поради офсајд.
По натпреварот реакциите на социјалните мрежи беа жестоки во двата табора, па Фудбалската федерација на Македонија излезе со официјално соопштение и ги објави видеоснимките од трите спорни ситуации.
„Дерби натпреварот беше одлично суден, со правилни одлуки во сите предизвикувачки ситуации. Преку цртање на офсајд линии правилно беа решени три клучни ситуации при постигнување на голови по претходни офсајд прекршоци“, соопшти Фудбалската федерација на Македонија.
Од федерацијата додаваат дека судиите на теренот и ВАР-судиите покажале одлична координација и доследна примена на правилата. „Објективното вреднување на судиските одлуки мора да се темели на фактите, правилата и конкретните ситуации од натпреварот“, стои во соопштението.
Со ремито Шкендија остана на врвот на табелата со 24 бода. Струга Трим Лум, која истиот ден го совлада Скопје со 4-0, е втора со бод помалку, а бранителот на титулата Вардар е трет со 21 бод.
Во следното коло Вардар ја пречекува токму Струга Трим Лум, во уште еден директен дуел меѓу екипите од врвот на табелата.
















