Вардар со реми од 26-26 се збогува од Лигата на шампионите

Ракометарите на Вардар 1961 се збогуваа од ЕХФ Лигата на шампионите со реми од 26-26 против германскиот Мелсунген во салата „Јане Сандански“. Скопјани беа на само седум секунди од победата, но Флоријан Дростен го постигна изедначувачкиот гол, кој на Мелсунген му донесе пласман во главната фаза.

Гостите, предводени од поранешниот тренер на Вардар, Роберто Гарсија Парондо, подобро го почнаа натпреварот и во првите 20 минути ја контролираа играта, водејќи и со 8-5. Вардар, со поддршка од околу 3.500 гледачи, се врати во натпреварот, израмни на 10-10, а со двата последни гола на Матео Фадуил во првиот дел замина на одмор со предност од 14-12.

Мелсунген израмни пет минути по почетокот на второто полувреме, а потоа следуваше игра гол за гол. Вардар остана без одбранбениот столб Виктор Јанковски, кој доби трето исклучување и црвен картон, но екипата на Иван Чупиќ не попушти.

Драма во последните секунди

Фадуил реализираше седмерец на 25 секунди пред крајот за водство од 26-25, но Мелсунген стигна до изедначување. Вардар имаше уште една шанса, но гостите го блокираа директниот слободен удар на Урош Митровиќ по истекот на времето, наведува ЕХФ.

Фадуил беше најефикасен кај Вардар со седум гола, Вукашин Воркапиќ додаде четири, а по три постигнаа Митровиќ, Жоао Педро и Јанковски. Голманот Милош Валах забележа 14 одбрани. Кај Мелсунген најдобар беше 20-годишниот десен бек Леон Штел со осум гола.

Со овој бод Мелсунген ја заврши групата на второто место, зад Висла Плоцк, и ќе игра во главната фаза. Нант, по поразот од 27-33 во Плоцк, ја продолжува сезоната во ЕХФ Европската лига, каде што ќе игра и Вардар.

Чупиќ: Ни недостасуваше малку искуство

„За нас ова беше уште една школа. Екипата покажува карактер, се носиме со сите, но ни недостасува малку искуство или среќа. Денеска бевме многу добри во одбрана, а во нападот имавме проблем со шутот од надвор“, изјави тренерот Чупиќ по натпреварот.

„Тешко е да зборуваме за Европската лига кога сè уште не знаеме со кого ќе играме. Сакаме да стигнеме што е можно подалеку, ќе размислуваме чекор по чекор“, додаде тој.

Вардар веќе во недела од 19 часот го пречекува Еурофарм Пелистер во дербито од Суперлигата. „Ние ќе бидеме фаворит, не бегаме од тоа и така треба да се поставиме во недела“, порача Чупиќ.