Кошаркарките на Вардар на најдобар можен начин ја започнаа новата сезона во „Шпаркасе Лајф“ Првата женска лига. Во дербито на првото коло, тимот на Александар Ашаданов го совлада актуелниот шампион Крива Паланка со 82-70 и испрати јасна порака до конкуренцијата.
Домаќинките го изненадија противникот уште во првата четвртина, која ја добија со 29-13. Вардар продолжи во истиот ритам и во вториот период, па на паузата водеше со убедливи 47-25.
Ниту во третата четвртина „црвено-црните“ не попуштија. Предноста ја зголемија на највисоки 25 поени, а по 30 минути игра резултатот беше 67-42. Крива Паланка, која минатата сезона ја освои шампионската титула, а неодамна го освои и Суперкупот, во последната четвртина намали дел од заостанувањето, но предноста на Вардар беше доволна за сигурна победа.
Во победничкиот тим дури пет кошаркарки имаа двоцифрен поентерски учинок. Капитенката Тасевска беше најефикасна со 17 поени, шест скока и пет асистенции, Пислевска и новото засилување Донмез постигнаа по 16 поени, Николи придонесе со 13 поени и шест скока, а Трајковска заврши со дабл-дабл учинок од 12 поени и 10 скока.
Кај Крива Паланка се истакна капитенката Алексовска со 25 поени и пет скока. Гордон имаше дабл-дабл учинок од 22 поени и 11 скока, а Ли заврши со 15 поени и осум скока. Останатите три натпревари од првото коло се играат денеска.
Во машката Суперлига, Кожув ја забележа втората победа во сезоната, и тоа повторно на гостински терен. Во натпреварот од третото коло, гевгелискиот тим го совлада Штип со 85-77.
Домаќините пружија силен отпор во првото полувреме, кое го добија со 40-39. Клучната разлика гостите ја направија во третата четвртина со серија од 12-1, а Штип во последната четвртина успеа да се приближи на три поени заостанување. Во завршницата, сепак, присебни останаа кошаркарите на Кожув, кои преку Армстронг и Бурис ја потврдија победата.
Најефикасен кај Кожув беше Бојчев со 31 поен, Бурис постигна 22 поени и имаше осум скока, а Симиќ оствари дабл-дабл учинок од 15 поени и 10 скока. Кај Штип се истакна Хамилтон со 22 поени, а новајлијата Ѓорѓевиќ додаде 17.
Штип, кој оваа сезона за првпат настапува во Суперлигата, и по третото коло е без победа. Претходно, во дербито што го отвори колото, шампионот МЗТ Скопје Аеродром го совлада ТФТ со 70-66 и остана без пораз по три кола.
















