Првата македонска фудбалска лига по тринеделната репрезентативна пауза продолжи со два натпревари од 9тото коло, а двата донесоа драма до самиот крај. Шампионот Вардар направи пресврт на „Железарница“ и го совлада Скопје со 2-1 благодарение на двата гола на Горан Закариќ, додека лидерот Шкендија од Тетово во Чаир одигра 1-1 со Шкендија од Арачиново.
Скопје водеше по првото полувреме
Домаќините, предводени од новиот тренер Иван Варадиновски, добро го отворија натпреварот. Во 20тата минута имаше и долга ВАР-проверка поради можно играње со рака на Маневски во казнениот простор, но на крајот беше одлучено дека нема пенал и играта продолжи со топка за голманот Талески.
Шест минути подоцна Скопје поведе. Али Адем се проби по десната страна и нафрли во средината, а Виктор Ангелов ја затресе мрежата на Вардар. „Црвено-црните“ потоа тргнаа понапред и имаа обиди преку Данев, Омерагиќ, Пиреш и Матиќ, но домаќините заминаа на одмор со предност од 1-0.
Закариќ двапати погоди со глава
Во второто полувреме Вардар го зголеми притисокот. Кастањеда во 58мата минута имаше одлична шанса, но голманот на Скопје, Кристијан Наумовски, одбрани со нога. Израмнувањето дојде во 60тата минута, кога Пиреш нафрли од левата страна, а Закариќ со глава погоди од непосредна близина.
Двата тима имаа шанси до крајот. Омерагиќ шутираше директно во Наумовски, Ангелов не успеа да го совлада Талески, а во 81вата минута Давид Бабунски од слободен удар го погоди живиот ѕид, по што Бобан Николов не ја зафати најдобро топката со глава. Кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши нерешено, Закариќ повторно погоди со глава по ново нафрлување од левата страна и во 93тата минута му ги донесе трите бода на Вардар, предводен од тренерот Миодраг Божовиќ.
Историското прво дерби на двете Шкендии
Во Чаир, во првото меѓусебно првенствено дерби на двете Шкендии, на исклучително тежок терен, гостите од Тетово први стигнаа до водство. Во 30тата минута домашниот голман го фаулираше Алмир Криезиу во шеснаесетникот, а Ендрит Красниќи прецизно го реализираше пеналот.
Арачиновци заиграа многу поангажирано во второто полувреме и заслужено стигнаа до израмнување. Искусниот напаѓач Марко Симоновски одлично се снајде во казнениот простор и во 77мата минута израмни на 1-1, што беше и конечниот резултат.
Со ова реми Шкендија од Тетово ја задржа првата позиција на табелата со 20 бода, а Шкендија од Арачиново, едно од пријатните изненадувања на сезоната, сега има 14 бода.















