Вања Илиќ за СуперСпорт: Сите во Металург посакуваме едно , да ни се врати публиката како некогаш


    До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓


    Тој е роден на 25 фебруари 1993 година, во Белград.  Младо, но исклучително талентирано момче, пред  да влезе во ракометните води ни призна дека се бавел со пливање, потоа некое време тренирал фудбал, но откако го гледал секој ден својот брат со ракометната топка во раце решил и тој да се испроба со ракометот…

    Ј.Танчев: Да се вратиме на твоите почетоци Вања, како се роди љубовта кон ракометот, дали се сеќаваш на твојот прв тренинг ?

    В.Илиќ:   Љубовта за ракометот се роди преку мојот брат Немања, кој секој ден тренираше, се враќаше дома и ми раскажуваше како поминал неговиот тренинг, а тоа мене ми изгледаше некако интересно, еден ден ме зема со него на тренинг на Партизан, тоа беше воедно и моот прв тренинг и оттогаш еве немам престанато со ракометот, немам прескокнато тренинг , едноставно  таа љубов сеуште трае и ќе трае.

     Во твојата земја ракометот и не е баш најпопуларен спорт, бидејќи кошарката и  фудбалот се на прво место,  дали и ти си тренирал некогаш фудбал или кошарка или ракометот беше прва љубов ?

    В.Илиќ: За жал во мојата земја ракометот е запоставен спорт, не е ниту на третото место, најмногу се инвестира во фудбалот и кошарката, а јас да бидам искрен започнав со пливање и бев добар, но потоа продолжив со фудбал, за на крајот да го пронајдам ракометот и да останам таму, а  за се тоа „крив“ е  мојот брат, и благодарен сум му за тоа.
     Како се случи  твоето преминувањето во Металург?

    В.Илиќ:  Уште минатата сезона на полусезоната имаше интерес од нивна страна, но не успеавме да се договориме. Откако заврши сезоната јас се вратив дома и стигна повик од Металург, кој не можев да го одбијам. Или како што јас  велам:„ било судено да биде“, сепак Металург е голем клуб, клуб со традиција и е признаен во Европа.

     Веќе си стандарден во Металург, како си задоволен од престојот таму, како беше прифатен од соиграчите, од луѓето во клубот?

     В.Илиќ: Задоволен сум многу. Ме прифатија одлично се знаевме од порано, бидејќи јас играв во Работнички, па дури со некои од играчите влегував во конфликти, но се беше добро. Таков сум јас сакам искри на теренот, а надвор од него ќе подадам рака ако сум изгубил. Кога дојдов уште од првиот ден бев прифатен како да сум со тимот уште од почетокот на сезоната, а за тоа сум им благодарен на сите во клубот.

     Твојот најубав гол во Металург е дефинитивно беше  несекојдневниот пенал кој го изведе против Вардар, како го направи тоа, дали беше тешко ?

    В.Илиќ:  Како го направив не знам, ( се смее) сега да ми кажат да го повторам можеби нема да можам, но тогаш во тој момент ме понесе еуфоријата, атмосферата а и тоа дека на голот беше мојот добар пријател Милиќ, морав да пробам нешто необично, несекојдневно и за моја среќа успеав.

    Вања Илиќ овде го прославува во стилот на Ентоан Гризман несекојдневниот пенал кој го изведе против Вардар, а како што вели тој се договориле со Палевски, (кој е голем фан на Гризман) ова да биде нивниот начин на прославување на головите.

    Дали имаш и кој е твојот ракометен  идол?

    В.Илиќ:  Па немам некој играч кој ми е да кажеме идол, па сите финти ги крадам од него, но затоа што играм на повеќе позиции го извлекувам најдобрито  од крилата, од бековите и од најдобрите дефанзивци, затоа што сметам дека одбраната е клуч на успехот.

    Што се треба да се направи да се жртвува за да се стане професионален ракометар во денешно време?

    В.Илиќ: За да се успее во животот не само во ракометот, треба многу да се жртвува. Кога моите друари излегуваа, се собираа или пак одеа на екскурзии, јас не можев. Имав тренинг,натпревар или припреми. Исто така оделувањето од семејството, блиските, девојката, но ако сакаш нешто мораш да жртвуваш и да се надеваш дека еден ден тоа ќе се исплати. Едноставно патот до успехот многу е тежок.

    Едно време на голот на Металург стоеше твојот репрезентативен колега Дарко Станиќ и преполната арена за која се бараше карта повеќе, дали ти го следеше тогаш Металург ?

    В.Илиќ: Да се сеќавам и ги следев колку можев, тоа беа златни времиња за Металург. Секој спортист сака да игра пред полна сала, бидејќи  спортот се игра за публика, а кога ги има нив задоволството е големо, кога ќе те понесе атмосферата,  колку и да си уморен, ќе најдеш сила па ќе им вратиш со гол, а звуците во тој момент се волшебни.

    Металург има сеуште шанси за пласман во нокаут фазата,  што да очекуваме од вас во натпреварот против Татран в недела?

    В.Илиќ:  Со оглед на тоа дека имаме уште шанси, може да постои некој притисок, екипата е млада, а и искусна која сака да се докажува, која ќе даде се од себе и ќе се обидеме да ги искористиме сите шанси кои ќе ни се пружат за да дојдеме до толку посакуваната победа.

    И за крај пораката што треба да им ја испратиш на сите фанови на Металург е ?

    В.Илиќ: Дојдете сите, потребна ни е вашата помош за да го победиме Татран, дајте ни ја вашата безрезервна подршка, а ние ќе ви бидеме благодарни.