Неверојатна трансформација - Од отпишан стана клучен фудбалер во неколку месеци

    На престануваат пофалбите за хрватскиот фудбалер после големата победа на Реал во градското дерби против Атлетико во саботата. Реал не можеше да смета на повредените Крос и Касемиро, но нивните отсуства беа надоместени со Модриќ и Ковачиќ и со помош на Иско.

    И дури во Реал се навикнаа на фантастични натпревари на Модриќ, оваа сезона воодушевува и Матео Ковачиќ. АС објави за неговата трансформација од фудбалер кој пред една година беше на излезни врати од клубот, а сега е еден од главните.

    Ковачиќ минатата сезона одигра 445 минути, а оваа одигра 972 минути, дупло повеќе. 11 од 18 натпревари ги почна како стартер, а минатата сезона почна 3 од 16 натпревари.

    Шанса му отворија клучните фудбалери во средината на теренот кои беа повредени, Крос, Модриќ и Касемиро, а тој тоа одлично го искористи. Му се наметна на Зинедин Зидан кој го немаше во плановите кога беше доведен од Рафаел Бенитез.

    Ковачиќ оваа сезона има 91.8% точни додавања, а и постигна погодок на гостувањето против Легија која го шокира Реал.

    Хрватот има уште простор за напредување, има 22 години, а во споредба со Модриќ тој играше на 22 години во Динамо, а Касемиро беше на позајмица во Порто. Сега почна да го исполнува својот огромен потенцијал поради кој Реал плати 30 милиони евра.