Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Репрезентациите на Црна Гора, Словенија, Германија, Англија, Северна Ирска, Полска и Шкотска остварија важни победи во денешните натпревари од квалификациите за пласман на Светското првенство што во 2018 ќе се одигра во Русија.
Црна Гора забележа важна победа против Романија со минимални 1:0. Стрелец на единствениот погодок за избраниците на Тумбаковиќ беше Стеван Јоветиќ. Со оваа победа црногорците имаат 16 поени исто колку што има Данска на втората позиција. Токму овие две репрезентации ќе се сретнат во следното коло во натпревар од исклучителна важност во битката за пласман на Светското првенство.
На првото место во групата Е се наоѓа Полска која го поправи впечатокот од катастрофалниот пораз од Данска во претходното коло и со 3:0 славеше против Казахстан и е на чекор од пласман на Мундијалот во Русија.
Репрезентацијата на Англија ја продолжи серијата победи откако на „Вембли“ славеше против Словачка. Херој за „Гордиот Албион“ беше младиот Маркус Рашфорд кој беше главен виновник што Англија преку пресврт стигна до победа. Најпрво Словачка дојде до предност со голот на Лоботка уште во третата минута од натпреварот, но потоа на сцена стапи Маркус Рашфорд кој најпрво асистираше на Даер за израмнувачкиот погодок, а потоа го постигна и голот вреден три бода.
Во истата група Словенија ја декласираше Литванија со 4:0, додека Шкотска славеше против Малта со 2:0.
Германија забележа нова убедлива победа. Овој пат силата на „панцирите“ ја почувствуваа Норвежаните кои примија дури шест голови. Озил, Дракслер, Вернер два пати, Горецка и Гомез беа стрелци на головите за избраниците на Јоаким Лев.
Северна Ирска славеше голема победа против Чешка и потврди дека досегашните резултати на оваа репрезентација не се случајни. Со оваа победа Ирците си ја загарантираа втората позиција и ќе го чекаат исходот од другите групи за да знаат дали ќе играат бараж средба или директно ќе се пласираат на Светското првенство во Русија.