Во спомен на „Базбиевите бебиња“ и сите што загинаа во несреќата во Минхен


До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓


На денешен ден пред 60 години се случи ужасната авионска трагедија во Минхен во која животот го загубија 23 лица. Во 1958 година авионот кој го носеше тимот на Манчестер Јунајтед се урна при полетувањето од аеродромот во Минхен.

Трагедијата која се случи на Минхенскиот „Рием аеродром“ на 6 февруари во незаборав однесе осум фудбалери на Манчестер Јунајтед, три официјални лица на клубот, осум новинари, еден агент за патување и еден пријател на Сер Мат Базби. И членовите на екипажот Том Кејбл и Кенет Рајмент исто така ги загубија животите во оваа несреќа.

Пред да пристигнат во Минхен, Манчестер Јунајтед играше во Белград против Црвена Звезда во рамките од четврт-финалето од Европскиот куп. Натпреварот заврши со резултат 3:3, а тоа им овозможи на фудбалерите на Манчестер да се пласираат во полуфиналето. На патот назад кон Англија, авионот застанал да наполни гориво во тогашна Западна Германија. Во зимски услови, и по два неуспешни обиди за полетување, летот 609 се урнал при третиот обид да го напуштат аеродромот.

„Како што забрзувавме по пистата, нешто ми велеше дека нема да успееме. Последно се сеќавам дека го ставив шпилот карти во мојот џеб“- коментираше по несреќата, Бил Фоулкс еден од преживеаните фудбалери на Манчестер Јунајтед.

„Не знаев каде сум. Се уште седев на моето седиште кое некако излетало од авионот. Мислев дека само сум ги затворил очите, а потоа Хари Грег и Бил Фоулкс ми кажаа дека сум бил во несвест околу 20тина минути“- изјави Боби Чарлтон, легендата на Манчестер Јунајтед.

Сцена од филмот „United“ посветен на авионската несреќа во Минхен

Повеќето од жртвите загинале на лице место. Тренерот на Манчестер Јунајтед, Сир Мат Базби бил блиску до смртта и бил во болница повеќе од два месеци, но по заздравувањето се вратил во клубот и помогнал истиот да биде изграден од ново. Кога неговиот асистент, Џими Марфи го посетил во болницата во Минхен, Базби му се обратил со зборовите: „Чувај го црвеното знаме да се вее високо“.

Младиот тим на Манчестер Јунајтед познат и по прекарот „Базбиевите бебиња“ се борел да ја освои третата по ред титула во Англија, а требало да игра против Милан во Европскиот куп во полуфиналниот натпревар.

„Тоа беше неверојатен настан каде многу млади лица загинаа кога беа на прагот на голем успех кој беше пред нив. Не можам да разберам зошто се случи тоа“ –изјави Сер Боби Чарлтон во телевизиско интервју во 2007 година.

Решени да го задржат духот на оригиналните „Базбиеви Бебиња“, преживеаните во трагедијата, Чарлтон и Фоулкс со нов тим околу нив,  развиен под палката на нивниот тренер Базби стигнале до големи успеси. Околу десетина години по ужасниот настан, Јунајтед предводен од ова трио играл финале од Европскиот куп на „Вембли“ против Бенфика. Манчестер Јунајтед тогаш ја освоил првата континентална титула во својата историја, а најзаслужни за тоа секако биле хероите  Базби, Чарлтон и Фоулкс.

30 мај 1968: Боби Чарлтон со трофејот по победата од 4-1 против Бенфика на Вембли

Во писмо посветено на за оддавање почит на жртвите од трагедијата кое Чарлтон го напишал за да го слушнат актуелните играчи на Манчестер Јунајтед, а кое било прочитано пред финалниот натпревар со Бенфика, пишувало:  „Зборовите не може да го опишат катастрофалниот ефект кој трагедијата го имаше врз фудбалскиот клуб и животите на сите засегнати. Без разлика дали се наоѓале во авионот или не, последиците за луѓето кои биле тука и нивните семејства и пријатели од оваа несреќа се живото променувачки. Уништувачкиот ефект за жал се уште живее во овој фантастичен клуб во кој сте дел сите вие и кој се издигна од најмрачниот момент како никој досега.“

Преживеаните во несреќата (од лево на десно): Кени Морган, Боби Чарлтон, Хари Грег, Џеки Бланхфлауер, Денис Вајолет, Бил Фоулкс, Реј Вуд и Алберт Скенлон во Минхен, 1997 година

Местото каде се урна авионот денес е познато како Манчестерплатз и е спомен за сите оние кои ги загубиле животите во 1958 година. За да ја одбележат 60 годишнината од катастрофалниот настан над 1000 фанови на Манчестер Јунајтед ќе патуваат во Минхен за да оддадат почит на настраданите.

Денес кај Манчестерплатц ќе биде одржана и специјална церемонија на која ќе говорат градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер, како и извршниот директор на Баерн Минхен, Карл Хајнц Румениге.