Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Многу од приказните кои ја опкружуваат НБА летово говорат за доминацијата на Голден Стејт Вориорс, евентуалните размени на Кајри Ирвинг и Кармело Ентони, иднината на Лејкерси и созревањето на тимот на Минесота. Но, приказна која ретко се споменува е борбата за дното, борбата за да се понесе титулата “најлош тим во НБА”.
Позициите за плејоф во наредната сезона се ширум отворени во двете конференции, иако тоа е поради различни причини. Западот, силен како и последните неколку години, сезонава се засили со уште неколку врвни играчи кои можат да ги претворат своите тимови во сериозни плејоф кандидати. Истокот пак, ослабнат во голема мера од преселби на играчите, но со зголемена шанса за тимовите да најдат место во топ-осумката, каде што не е така тешко да се влезе.
На дното пак, никој не сака да биде. Но НБА лигата е поставена на тој начин што најниско пласираниот тим добива најдобри шанси да го добие првиот пик на драфтот следната година, што значи дека можеби е подобро да се биде една година на дното и тимот да проба да гради преку драфтот отколку тимот да биде константно медиокритетен. Во последните неколку години гледавме како Лејкерси и Сиксерси не ни пробуваа да бидат добри, сѐ со цел да добијат повисоко место на драфт-поредокот. Во претстојната сезона има неколку тимови кои се очекува да го практикуваат истото, но и неколку тимови кои едноставно немаат доволно добар кадар за да бидат добро пласирани. Во продолжение зборуваме за два тима од Западна, и два тима од Источна конференција кои се главни конкуренти за последната позиција во НБА лигата, како и по еден тим од Запад и Исток кои би можеле да бидат “wild card” конкуренти за истиот примат.
ИСТОК
Атланта Хокс
Хокси во текот на минатата сезона почнаа да се ослободуваат од ветераните во тимот кои очекуваа да добијат уште еден последен договор пред крајот на својата кариера. Летово тимот на Атланта не понуди договор на ниту еден од играчите чии договори истекуваа и така ослободи огромно место во селари кеп-от, но и го тргна притисокот да биде плејоф тим од себе. Откако тимот го напуштија Кајл Корвер, Пол Милсап, Двајт Хауард и Табо Сефолоша, во составот како лидер се наметна младиот германски плејмејкер Денис Шродер. При крај на ланската сезона тој покажа дека неговиот офанзивен потенцијал е многу висок и земајќи ги во обзир неговите 23 години оптимизмот е на високо ниво кај фановите на Атланта. Оваа сезона би можела да помине во селектирање на талентот во составот и бркање на висок пик од следниот драфт. Сепак, тим кој е во транзиција не смееше да си дозволи да има два договори како оние на Кент Бејзмор и Мајлс Пламли, на кои минатава сезона и не им беше баш за паметење. Тимот предводен од Мајк Баденхолцер не може да се пофали со многу талент и баш затоа е главен конкурент за последното место во Источната конференција.
Чикаго Булс
Тимот кој владееше со НБА лигата во 90-те веќе одамна нема видено како изгледа финалето. Добрите настапи со генерацијата предводена од Том Тибодо и Дерик Роуз се веќе зад нив а од тој состав не остана ниту дамка во моменталната постава на Булси. За време на драфтот беше разменет дури и Џими Батлер во тимот на Минесота и за возврат Чикаго го добија правото на седмиот пик на драфтот со кого го избраа Лаури Марканен, 20-годишниот крилен центар од Финска. Покрај Марканен, во размената ги добија уште и Зек Лавињ и Крис Дан од Минесота Тимбервулвс. Слично како Атланта Хокс, и од Булси се очекува наредната сезона да ја искористат за развивање на младите таленти, со мала разлика во тоа што тимот од Чикаго навистина располага со млади играчи кои се борат за минутажа. На кошаркари како Пол Зипсер, Дензел Валентајн и Боби Портис ова ќе им биде “make or break” сезона и конечно ќе можеме да се увериме дали некој од нив може да се развие во легитимен НБА стартер. Тука е и присуството на ветерани како Двејн Вејд и Робин Лопез, кои ќе бидат одговорни да ги подучат младите сили на “правилниот” начин на играње кошарка. Мора да се спомене и тренерот Фред Хојберг, кој лани неколкупати беше на раб на отпуштање но сепак ја заврши сезоната со Чикаго. Оваа година е тест и за него, откако раководството му покажа доверба и го остави на позицијата тренер.
ЗАПАД
Феникс Санс
Доколку се погледне составот на Феникс Санс од последните две сезони, може да се забележи дека постоеше огромна контрадикторност во самиот начин на кој беа одбирани играчите. Ветерани од типот на Тајсон Чендлер и Џеред Дадли се во составот и заработуваат огромни пари за воопшто да немаат придонес кон победите, туку баш напротив, му помагаат на тимот да губи натпревари со тоа што не играат половина од сезоната. Младите таленти пак, бараат поголема минутажа и (барем засега) ја добиваат. Но тоа не резултира во победи бидејќи ова се сепак многу млади кошаркари кои скоро и да не знаат како се победува во НБА лигата. Најголем показател е натпреварот против Селтикс во кој Девин Букер постигна 70 поени, 70 ПОЕНИ, а Феникс сепак го загуби мечот. Некаде на средина помеѓу ветераните и младите играчи се наоѓа Ерик Бледсо, кој е еден од подобрите играчи на својата позиција во лигата но ги поминува своите најдобри години делејќи минутажа со младинци во тим кој е меѓу најлошите во НБА. Се очекува Ерик Бледсо да биде разменет сезонава, а Санси планираат тоа да биде во размената со која ќе го добијат Кајри Ирвинг. Е сега, доколку го добијат Кајри Ирвинг секако дека очекувањата тие да бидат најлош тим на Западот ќе се сменат. Но дотогаш, Феникс се меѓу најлошите тимови во НБА.
Далас Маверикс
Тимот во сопственост на Марк Кјубан го има еден од најдобрите тренери во лигата, Рик Карлајл, но има и еден од најлошите состави во лигата. И натаму предводени од германскиот џин Дирк Новицки, составот на Далас не сјае кога ќе се помине името на Дирк на листата на играчи. Харисон Барнс, кој лани имаше солидна сезона, е главниот извор на офанзива во тимот а тука да го поддржат се уште и Весли Метјуз и Денис Смит Џр., кој беше деветти пик на овогодинешниот драфт. Маверикс отсекогаш биле добра дестинација за слободни агенти но ова лето Марк Кјубан не се ни обиде да потпише некој од подобрите играчи кои беа достапни, примарно поради тоа што не е ни заинтересиран за победи. Тимот на Далас е во транзиција и лани го пропуштија плејофот. Денис Смит Џр. изгледа како идна ѕвезда, но преголем притисок би било да се очекува од него дека може да го однесе овој тим до плејофот. Нерленс Ноел е играч на кој му истече договорот и чека да потпише нов со тимот од Тексас, но засега нема стигнато официјална понуда која ги задоволува неговите финансиски побарувања. Маверикс ќе имаат уште една потпросечна сезона и не би било неочекувано токму тие да се најдат на дното на Западот по крајот на следната сезона.
Од сенка:
Бруклин Нетс
Единствената причина поради која Нетси не се погоре на листата е тоа што тие немаат корист од губење натпревари заради тоа што нивниот пик им припаѓа на Бостон Селтикс. Сепак, тоа што немаат корист не значи дека нема да губат натпревари. Во Бруклин најголема ѕвезда е Џереми Лин, а тоа сигурно не е добро за составот на тимот. Она што е позитивно во целата ситуација е дека новиот генерален менаџер полека почна да ги исправа грешките кои ги направи Били Кинг. Летово беа донесени Алан Креб, Демари Керол и Тимофеј Мозгов, кои, иако се под многу скапи договори сепак можат да одговорат на предизвикот кој го нуди НБА натпреварувањето. Лошата страна е пак, она што кога ќе се погледне составот мора да се забележи дека изгледа тотално недефиниран, ростер полн со играчи кои играат различни стилови на игра и високи очекувања од Диенџело Расел, кој покажа ептен малку од својот потенцијал во двете години играјќи за Лејкерс. Тренерот Кени Еткинсон ќе има тешка задача да го изведе овој тим на правиот пат, како и да направи НБА играчи од младите сили како Карис ЛеВерт и Ронде Холис-Џеферсон.
Сакраменто Кингс
Да, тимот на Кингс се појача во летово со неколку познати НБА ветерани и да, го имаше петтиот пик на драфтот и таму го одбра Диарон Фокс кој уште сега личи дека е спремен да биде стартер во лигата. Но мора да се земе во предвид дека во Сакраменто традиционално се почитува неуспехот. Да напоменеме дека минатата сезона беше 11-та последователна во која Кингси не обезбедија плејоф. Трите главни засилувања летово: Зек Рендолф, Џорџ Хил и Винс Картер би биле фини аквизиции но само доколку имаат ограничени минути и бидат користени како ментори за помладите играчи. Бади Хилд покажа при крајот на ланската сезона дека може да биде солиден шутер и со неговата игра во офанзива може да придонесе со 15-16 поени од вечер. Ама, и ова е големо АМА, доколку експериментот со Рендолф, Картер и Хил не успее, можно е Кингси повторно да бидат на дното на лигата. Нивниот тренер Дејв Јергер е познат по дефанзивата, па можеби тоа ќе биде главната точка на овој тим, кој следната сезона се очекува да биде класичен тим во изградба – тим со малку победи и голема минутажа за младите играчи.