Македонија пропушти победа против Србија

Репрезентацијата на Македонија немаше среќа и во финишот од натпреварот пропушти да ја запише својата прва историска победа на едно Европско првенство.

Во вториот натпревар во Полска нашите надежи ремизираа со соодветната репрезентација на Србија, а резултатот беше 2:2.

Србите први дојдоа во водство во 24. минута од натпреварот преку Мијат Гачиновиќ. Сепак при голот асистентот на Гачиновиќ беше во офсајд ситуација но главниот судија не ја прекина играта.

Нашиот голман Алексовски спаси сигурни 2:0 во првиот дел откако со одлична интервенција го спречи фудбалерот на Ливерпул, Груиќ да постигне гол.

Македонија стигна до израмнување во 64. минута со голот на Енис Барди кој го совлада Милинковиќ-Савиќ од белата точка. Претходно Андрија Живковиќ играше со рака при центаршутот на Елиф Елмас кој беше внесен во второто полувреме на местото на Давид Бабунски.

Комплетен пресврт направи Никола Ѓорѓев кој со одличен погодок го совлада српскиот голман и најави голема радост за Македонија.

Сепак нашите надежи не успеаја да ја задржат концентрацијата до крајот и примија гол во 90.минута од натпреварот преку фудбалерот на Партизан, Урош Ѓурѓевиќ.