Охрид испиша историја и се пласира во следното коло од ЕХФ Купот

Ракометарите на Охрид по ремито во првиот натпревар, во реванш натпреварот кој исто така се одигра во „Билјанини Извори“ славеа над Волендам со 24:23.

Со оваа голема победа охридскиот клуб си обезбеди уште два натпревари во второто по ранг натпреварување во Европа и тоа против силниот тим на Порто.

Натпреварот започна слично како и првиот, со предност од 3:0 за охриѓани по само пет минути игра. Во 11 минута избраниците на Андоновски имаа и плус четири (5:1), но потоа Волендам се врати во игра и намали на 6:5. Сепак популарните „Гладијатори“ понесени од атмосферата во салата повторно ја вратија предноста од четири погодоци (8:12) на само три минути до одморот.

На полувреме се замина со резултат 13:10 во корист на охридскиот тим.

Во вториот дел Охрид продолжи со добрата игра и на 20 минути до крајот на натпреварот стигнаа до највисоки плус пет, 12:17.

Во 50. минута гостите од Холандија комплетно се вратија во натпреварот. Откако Блажески не реализира удар од седум метри, Волендам во следниот напад го израмни резултатот на 20:20.

Потоа се до крајот се играше гол за гол, а салата буквално „еруптираше“ во последните моменти од натпреварот кога Блажески погоди за 24:22 и беше јасно дека Волендам нема да стигне до посакуваните два погодоци.

Бобан Блажески со шест гола беше најефикасен во редовите на Охрид, а исто толку постигна Мршулја во спротивниот табор.

Охриѓани првиот натпревар со Порто во второто квалификациско коло од  ЕХФ Купот ќе го играат на 7-8 октомври, додека реванш натпреварот е закажан за една недела подоцна.