Репрезентативец на Велика Британија го засили МЗТ Скопје Аеродром


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


На самиот истек на преодниот рок во АБА-лигата, кој трае до крајот на денешниот ден, раководството на МЗТ Скопје Аеродром реши да ангажира уште еден кошаркар кој би ја зголемил конкуренцијата во тимот и кој би бил од голема помош во борбата за опстанок во регионалното натпреварување.

Станува збор за 24-годишниот Девон ван Острум, роден во Холандија, но државјанин и на Велика Британија, кој е висок 193 сантиметри и кој игра на двете бековски позиции. Тој потпиша договор со важност до крајот на АБА-лигата, со можност истиот да биде продолжен и за македонското првенство. Острум во МЗТ ќе пристигне од Грција каде што настапуваше за Короивос.

Новоангажираниот кошаркар е сениорски репрезентативец на Велика Британија и соиграч на Даниел Кларк, кој претходно беше дел и од кадетската, јуниорската и младинската национална селекција на оваа островска држава. Острум настапи на ЕП 2011 во Литванија, во квалификациите за ЕП 2013 и ЕП 2015, а беше на поширокиот список на британската селекција за ЛОИ 2012 во Лондон. Првите кошаркарски чекори ги прави во шпанска Басконија, а има настапувано за уште неколку шпански пониски лигаши, како и за Цибона, финскиот тим Кувот и грчки Аркадикос.

Од новиот член се очекува да ја пополни празнината по заминувањето на Сулејман Диабате и биде од голема помош за Шарлон Клоф и за Ксавиер Темс во фазата на пренесување на топката и организација на нападите, но и со агресивност и полетност да даде придонес во одбраната, која според тренерот Анте Назор треба да биде клучна во битката за опстанок.